Сензација: Антиќ го зеде скалпот на Реал Мадрид

Црвена звезда ја прекина серијата слаби игри во Евролигата, на гостински терен сензационално совладувајќи го Реал Мадрид со резултат 83-87. Перо Антиќ имаше значаен придонес во големиот триумф на „црвено-белите“, кои водеа речиси цел натпревар и апсолутно заслужено го зедоа скалпот на европскиот гигант. Тој одигра извонредно во одбрана против Дончиќ во клучниот напад на Реал, за потоа на спротивната страна да погоди тројка и да ја запечати судбината на „кралскиот клуб“.

Пабло Ласо експериментираше со тимот, па покрај повредите реши да им даде одмор и на дел од вообичаените стартери. Така, Лука Дончиќ не беше во стартната петорка, но Словенецот веднаш по влегувањето во игра до крајот на четвртината нанижа 12 поени. Антиќ исто така влезе во игра во текот на првиот период и за неполна минута постигна пет поени. Шутот од далечина ги служеше „црвено-белите“, кои полни со самодоверба на полувреме заминаа со предност од 39-48, за во третиот период во еден момент да имаат и „плус тринаесет“, со новата тројка на Антиќ.

Реал Мадрид се разбуди на стартот од последната четвртина со тројките на Фернандез и на Керол, па иако „црвено-белите“ одговорија во ист стил преку Рочести и Дангубиќ, „кралевите“ сепак стигнаа до израмнети 79-79 на помалку од три минути до крајот. Херој беше Антиќ, кој на триесет секунди до крајот искусно го запре Лука Дончиќ, не наседнувајќи на неговата финта под рекетот, за потоа токму Македонец со тројка да ја замолкне арената во Марид, погодувајќи за 83-87 на 7,7 секунди до крајот, резултат со кој на крајот и заврши овој натпревар.

Перо Антиќ го заврши мечот со 11 поени, 4 скока и една блокада, најефикасни кај Црвена звезда беа Рочести со 18 и Бјелица со 16 поени, додека Лука Дончиќ ја има улогата на трагичар на Реал иако беше најефикасен со 20 поени.

Се вчитува...