Прволигашката програма продолжува денеска со возбудлив натпревар во „Јане Сандански“. Актуелниот шампион МЗТ Скопје го пречекува најпријатното изненадување на сезоната, ТФТ од 19:30 часот, „металците“ ќе се обидат да го искористат овој меч за триумф и рехабилитација по слабите игри на АБА2 турнирот во Бања Лука, додека новиот прволигаш дефинитивно нема да се предаде во обид да приреди нова сензација.
Избраниците на Боро Смилковски оваа сезона не признаваат фаворити, тимот од Тафталиџе се наоѓа во извонредна серија од четири победи едно по друго во која „паднаа“ Гостивар, Еуро Никел, Пелистер и Куманово. Она што го краси „црно-белиот“ состав е играта во транзиција каде во просек постигнуваат 21.4 поени по натпревар, меѓутоа на денешната средба ќе има што да се запраша и составот од Аеродром, кој има квалитет да одговори на високото темпо на ТФТ. Избраниците на Кочов изобилуваат со атлетизам, одлично трчаат во одбрана и примаат 13.4 поени во просек од овој сегмент од играта, па ќе виде интересно да ја проследиме средбата.
Избраниците на Смилковски предноста во однос на „сино-белите“ ја гледаат во напаѓачкиот арсенал кој реализира со 53% успешност за два и 31% зад линијата 6,75.
„Мораме да влеземе во дуелот фокусирани, подготвени за натпреварување и да одиграме цврсто сите 40 минути, како што и правевме досега, а доколку го направиме истото сигурен сум дека можеме да победиме. Верувам дека сме разноврсни и имаме квалитет да поентираме на повеќе начини, што ќе ни даде и предност“ – изјави Амир Смит.
Во центарот на вниманието ќе биде дуелот помеѓу Феми Олуџоби од едната и Амир Смит од другата страна, но на високо ниво ќе мораат да одиграат и бековските линии, а клучна на денешната средба може да биде подолгата клупа на МЗТ Скопје.
Покрај тоа ќе биде интересно да видиме кој странец во редовите на аеродромци ќе го проследи натпреварот од клупата, а истото може многу да се одрази на играта. Доколку тренерот Кочов се одлучи тоа да биде Андрија Бојиќ, губи „висина“ во нападот и полесно решение за зоната 1-2-2 на ТФТ, но добива во подвижност во одбраната. Доколку тоа е Иван Карачиќ, се губи атлетизмост во одбрана од брзата транзиција, па најдобрата опција би било Доминез Барнет, кој на „балонот“ во АБА2 се покажа како недоволно подготвен за високо темпо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА