Серафимов: Ако одиграме како што знаеме ќе стартуваме со три бода

Македонската фудбалска репрезентација веќе трет ден се подготвува за новиот циклус во Лигата на Нации, и првиот меч против Бугарија на гости.

Дефанзивецот Никола Серафимов вели дека овие четири меча ќе бидат предизвик за сите, со оглед дека се играат во краток рок. Очекува добра игра на Македонија и секако победа на стартот со Бугарија, а потоа и на другите натпревари.

„Ги почнавме добро подготовките. Полека се приклучија и најголемиот број на репрезентативците, што значи дека можеме да се подготвуваме на тактички план. Овие четири натпревари ќе се играат во краток период, и ќе бидат предизвикувачки на физички и психолошки план. Знаеме дека сезоната е завршена, но тоа не треба да биде проблем. Секој од нас ќе го дадеме максимумот. Очекувам да го почнеме овој циклус со добра игра против Бугарија. Квалитетна селекција, но ако одиграме како што знаеме мислам дека ќе ги донесеме трите бода“, рече Серафимов и додаде:

„Ние што сме имале мала минутажа во минатото, секогаш сме биле подготвени и секогаш ја чекаме шансата без разлика. Така ќе биде и овојпат, на нас е да бидеме максимално подготвени, и да ја искористиме шансата која ќе ни се пружи“, вели стоперот на македонската селекција.

Серафимов рече дека групата е максимално израмнета, и дека секој може да победи секого. Дека се случуваат чуда во фудбалот, Серафимов рече дека најдобар пример сме ние и мечот со Италија.

„Максимално израмнета група, се случуваат чуда во денешно време, ние сме пример за тоа против Италија, а потоа бевме блиску за Светско првенство. Натпреварот се игра на нивен терен, мислам дека шансите за победа се еднакви за двете селекции“, заврши македонскиот репрезентативец.

Се вчитува...