Серафимова: Ако отвориме со добра одбрана, резултатот ќе си дојде

Женската ракометна репрезентација на Македонија со натпреварот против Азербејџан денеска (18 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“ го почнува новиот квалификациски циклус во кој се бори за пласман во баражот за СП 2019 во Јапонија. Македонија е домаќин на групата во која покрај Азербејџан уште се и селекциите на Исланд и на Турција. Натпреварите во групата се играат од денеска до 2 декември во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Целта е да се освои првото место во групата што носи пласман во баражот за СП 2019.

Се подготвувавме максимално за овие три меча, како на физички, така и на тактички план. Гледавме многу видео-снимки и знаеме за какви противници станува збор. Голема е честа да се игра пред домашна публика и многу ќе ни значи нивната поддршка од трибините. Ќе се потрудиме да го дадеме нашиот максимум и се надевам дека на крајот сите заедно ќе се радуваме“ – голманката на македонската репрезентација, Матеја Серафимова.

Првиот предизвик за избраничките на селекторот Симе Симовски, ќе биде денешниот дуел со репрезентацијата на Азербејџан која е релативно непознат противник со кој Македонија досега нема одиграно ниеден меѓусебен дуел.

Азербејџан нема некои позабележителни резултати во женскиот ракомет, ни на клупско ни на репрезентативно ниво. Од она што се издвојува како нивен најголем успех се двата настапи на репрезентацијата на Челинџ Трофеј, европско натпреварување за репрезентациите од „вториот ешалон“. Азербејџан во ова натпреварување учествуваше во 2002 година и во мај годинава. На последниот настап Азербејџанките го освоија претпоследното седмо место, забележувајќи само едно реми со Луксембург (27-27) во групната фаза и една победа против В. Британија (28-22) во разигрувањето за пласман.

Азербејџан во квалификациите за СП 2019 настапува само со 13 ракометарки и важи за аутсајдер во групата. Оттаму, во денешниот прв квалификациски меч, Македонија ја има улогата на фаворит и се очекува позитивен резултат.

„Со репрезентацијата на Азербејџан се сретнуваме прв пат, но доколку го отвориме натпреварот со добра одбрана и со нашиот начин на игра, резултатот ќе си дојде сам по себе“ – истакнува Серафимова.

РФМ обезбеди слободен влез за сите натпревари на овој квалификациски турнир и ја повикува публиката да им даде поддршка на ракометарките во борбата за пласман во баражот за СП 2019.

Распоред на натпреварите:

30.11.2018 (петок):

Македонија – Азербејџан (18 ч.)

Турција – Исланд (20 ч.)

01.12.2018 (сабота) :

Исланд – Македонија (18 ч.)

Азербејџан – Турција (20 ч.)

02.12.2018 (недела):

Исланд – Азербејџан (18 ч.)

Турција – Македонија (20 ч.)

Се вчитува...