Серена Вилијамс: Не сум опседната да ја достигнам Штефи Граф

Американската тенисерка Серена Вилијамс секогаш е меѓу фаворитките за освојување на трофејот на гранслем турнирите, па не е поинаку ниту пред годинашното издание на Австралија Опен. Иако веќе не е најдобра во светот според ранкингот на ВТА – листата, таа е дефинитивно најмаркантната фигура во женскиот светски тенис во изминатата деценија. Досега има освоено 21 гранслем титули, од кои шест во Мелбурн. На Серена и недостига само уште еден гранслем трофеј за да го достигне остварувањето на легендарната Германка Штефи Граф.

Во 2015 година, таа освои три титули од ’Големиот шлем’, четирите гранслем турнири, но загуби во полуфиналето на УС Опен од Роберта Винчи. Минатата сезона, го освои само Вимблдон. А оваа година на Австралија Опен во првото коло ќе се сретне со Швајцарката Белинда Бенчиќ, која беше меѓу Топ 10 во светот, пред да се повреди минатата сезона.

„Не дојдов да испаднам во првото или во второто коло. Знам дека Бенчиќ е добра тенисерка, младоста секако е на нејзина страна. Но, јас ќе се трудам да го дадам најдоброто од себе. И морам веднаш да кажам дека не сум опседната да ја достигнам Штефи Граф. Знам дека медиумите сакаат да пласираат такви стории, меѓутоа јас излегувам на теренот за да го играм најдобриот тенис, а не да размислувам дали ќе успеам да освојам уште најмалку еден гранслем трофеј“, изјави Серена Вилијамс.

Се вчитува...