Шансите за трансфер на Енис Барди од Леванте во Арсенал дополнително се зголемија откако „топчиите“ денеска останаа без засилувањето кое им беше практично договорено за летниот преоден рок. Микел Артета во изминатиот месец водеше интензивни преговори за Томас Парти, асот на Атлетико Мадрид кој во договорот имаше клаузула за раскин од 50 милиони евра и се чинеше дека трансферот во Арсенал сигурно ќе биде комплетиран штом завршат сезоните во Ла Лига и во Премиер-лигата.
Сепак, во последен момент дојде до пресврт, па Парти постигна договор за продолжување на соработката со Атлетико Мадрид. Новиот договор ќе има и клаузула од 100 милиони евра што „топчиите“ немаат намера да ја платат, па Симеоне ќе го задржи големиот борец на средината на теренот, а Артета ќе остане без посакуваното засилување.
Стратегот на Арсенал планира ремонт во средниот ред, „топчиите“ повторно ќе се обидат да го продадат Озил, а во тимот ќе го немаат ниту Себалјос, со оглед на фактот дека немаат намера да платат 40 милиони фунти за да го откупат договорот на Шпанецот со Реал Мадрид. Барди станува се посериозна опција за Артета, достапен е за сума од околу 20 милиони евра, a со квалитетите што ги поседува сигурно ќе им биде од помош на „топчиите“.
Со оглед на најавеното заминување и на Гвандузи (конфликт со Артета и со управата), Арсенал ќе ангажира најмалку двајца нови фудбалери за врска, а големи се шансите еден од нив да биде токму македонскиот репрезентативец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА