Екипата на Шкендија Арачиново ја очекува уште еден тежок тест во 5. коло од Првата лига, каде што на гостувањето во Куманово ќе ги одмери силите со Башкими. По поразот во Струга, дебитантот во македонската елита влезе во вистински ритам со ремито против Силекс во Скопје (1-1) и големата победа над Тиквеш во Кавадарци (0-1). Сепак, поразот од Арсими (0-2) на стадионот во Чаир малку ја забави позитивната атмосфера, па раководството на клубот веднаш реагираше на трансфер-пазарот за засилување во сите линии.
Ремзифаик Селмани, 29-годишниот искусен напаѓач треба да донесе ефикасност и свежина во нападот. Во кариерата ги носеше дресовите на Шкендија Тетово, Ренова, Беса Добридол, Гостивар и неодамна на Арсими. Абдул Руватубјаје e дефанзивец кој одлично го познава домашниот фудбал по престојот во ФК Шкупи 1927 и АП Брера, носејќи дополнителна сигурност во одбраната.
Последниот „удар“ на пазарот е Амир Нухију. Неговото враќање треба да донесе повеќе креативност и идеја во средниот ред. Со овие засилувања, екипата од Арачиново се надева дека ќе се врати на позитивните резултати и ќе освои бодови во Куманово.
Башкими е последен на табелата, но кумановци најавуваат дека ќе сторат се за токму денеска да се израдуваат на првите бодови.
„Нè очекува исклучително важен натпревар против Шкендија Арачиново. По лошиот почеток, се надеваме дека ќе им се вратиме на победи за да ги израдуваме нашите навивачи. Играме против исклучително добро организиран противник, па затоа пред нас е тежок дуел. Сепак, веруваме дека можеме да стигнеме до првите три бода, да ја прекинеме црната серија и да ја израдуваме нашата публика“, изјави Билал Исени од таборот на Башкими.
Натпреварот меѓу Башкими и Шкендија Арачиново се игра на стадионот во Куманово со почеток во 16:30 часот, а главен судија ќе биде Стојанче Трпчевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
