Шкендија го враќа Џелбрим Таипи од Вил

По вчерашната официјална промоција на Томас Брдариќ како нов шеф на стручниот штаб, тетовска Шкендија денеска ги стартува и подготовките за пролетниот дел од шампионатот.

Паралелно со зимските подготовки се очекува во континуитет да тече и засилувањето на играчките редови. Според последните информации како една од опциите за засилување на средниот ред е и враќањето во своите редови на 24-годишниот Џелбрим Таипи од редовите на швајцарскиот Вил.

Таипи, кој во периодот од 2011 до 2013 веќе настапуваше за Шкендија, последниве три години беше дел од тимот на Вил. Но, со крајот на претходнава година се раздели од Швајцарците па сега има сериозна финансиска понуда за враќање во Шкендија. Во дресот на Вил, Таипи одигра 59 натпревари постигнувајќи и 11 погодоци.

Покрај Таипи, желбата на тетовци за засилување на напаѓачките редови е и ангажман на 29-годишниот албански репрезентативец Елис Бакај кој изминатава полусезона настапуваше за хрватскиот прволигаш Сплит.

Се вчитува...