Шкендија лесно излезе на крај со Беласица, Силекс загуби во Струга

Шкендија оствари рутинска победа (0-3) против последнопласираниот тим на табелата Беласица, кој останува без ниту еден освоен бод и по пет кола од новиот шампионат и враќањето во Првата лига. Со овој триумф тетовскиот тим се искачи на врвот со 11 бода, во пресрет на утрешниот дуел меѓу Вардар и Шкупи. Составот од Чаир има 10 бода, исто колку и Силекс, кој денеска загуби на гостувањето во Струга.

Кратовци наидоа на цврст ривал крај езерото, а стружани славеа со 2-0. Домаќинот поведе со голот на Нијас Лена во 77.минута, а Филип Миленковски во 89.минута го потврди триумфот. Силекс во првото полувреме постигна погодок, меѓутоа не беше признат поради сомнителна офсајд позиција.

Шкендија едно полувреме бараше начин како да го разбие бункерот на Беласица, а на почетокот на вториот дел во тоа помогнаа домашните фудбалери. Зоран Митевски направи кардинална грешка, ја врати топката во шеснаесетникот до гостинскиот напаѓач Љупчо Дориев, тој шутираше, голманот Силјановски делумно одбрани, но на гол-линијата натрча Енур Тотре и го потврди погодокот во 54.минута.

Потоа беше полесно за Шкендија. Во 83.минута, Валмир Нафиу беше соборен во шеснаесетникот, беше досуден пенал, а успешен реализатор беше Бесарт

Ибраими. Само три минути подоцна, Бесарт Ибраими постигна гол и од игра, со прецизен удар од дваесетина метри.

Беласица во судиското продолжение имаше можност за погодок, но пенал не реализираше Александар Милушев. Голманот на Шкендија, Костадин Захов, одлично интервенираше и одбрани.

ПРВА ЛИГА, 5.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

БЕЛАСИЦА – ШКЕНДИЈА 0-3

СТРУГА ТЛ – СИЛЕКС 2-0

УТРЕ (16 Ч.)

ВАРДАР – ШКУПИ

РЕНОВА – РАБОТНИЧКИ

ПЕЛИСТЕР – МАКЕДОНИЈА ЃП

БОРЕЦ – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ

 

Се вчитува...