Шкендија не смее да киксне со „романтичарите“, новиот шампион гостува во Штип

Два натпревари денеска од викенд-програмата во 30. коло од Првата македонска фудбалска лига. Шкендија го пречекува Работнички во меч во кој не смее да дозволи кикс во битката за европски излез.

Тетовци ја носат фаворитската улога, но истата ќе мора да ја потврдат на терен. Шкендија и натаму е во трка со Македонија ЃП и Академија Пандев за втората и третата позиција на табелата кои носат во Европа. Токму поради тоа им се неопходни трите бода.

Новиот македонски шампион Шкупи, пак, на првиот свој натпревар по освојувањето на титулата гостува во Штип против Брегалница. Дуелот на Градскиот стадион во Штип е повеќе од интересна пресметка меѓу два квалитетна тима, и покрај тоа што е без резултатско значење за двата состави. Сепак, повеќе од јасно е дека „сините“ и тоа како се желни за докажување на квалитетите токму против новиот македонски шампион.

„Верувам дека ќе биде тоа квалитетен натпревар меѓу два одлични тима. Постои мотив и желба кај нас да се претставиме во вистинско светло токму против новиот македонски шампион, и со освојување на бодовите да ги израдуваме нашите навивачи. Очекувам полн стадион во Штип и секако поддршка за нас како би стигнале до позитивен резултат токму против најдобриот тим во лигата“ – вели централниот дефанзивец на Брегалница, Јован Манев.

Но, и покрај освоената титула и во чаирчани сакаат продолжување на успешната победничка серија.

„За овој натпревар се подготвивме како и за сите други натпревари на професионален план, иако сега сме шампиони. Секако дека го респектираме тимот на Брегалница, но мислам дека натпреварот ќе зависи од нас. Ќе дадеме се од себе да ги добиеме сите преостанати натпревари, почнувајќи од овој против Брегалница“ – вели Кристијан Трапановски.

ПРВА ЛИГА – 30. КОЛО (денеска, 17 ч.)

Тетово: ШКЕНДИЈА – РАБОТНИЧКИ

Штип: БРЕГАЛНИЦА – ШКУПИ

УТРЕ (17 ч.)

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – АК. ПАНДЕВ

Тетово: РЕНОВА – СТРУГА ТЛ

Битола: ПЕЛИСТЕР – ТИКВЕШ

Велес: БОРЕЦ – СКОПЈЕ

Се вчитува...