Шкендија не запира, совладан и Силекс во Кратово

Шкендија продолжува со максимален учинок во Првата македонска фудбалска лига. Тетовци славеа со 0-2 на гостувањето кај Силекс во Кратово и стигнаа до петта победа во исто толку натпревари.

Лидерот на табелата имаше повеќе од играта уште во првото полувреме, но домаќините успеваа да го одржат резултатот без голови. Криезиу и Ибраими имаа добри можности, но во двата наврати одлично интервенираше голманот Џеков.

Ибраими потоа успеа да ја затресе мрежата на Силекс, но голот беше поништен поради офсајд.

Отпорот на кратовскиот тим беше скршен во 53. минута. По нафрлувањето на Ибраими, во петерецот најдобро се снајде Мелиќи, кој со глава го совлада Џеков за водство на Шкендија.

Силекс имаше можност да се врати во натпреварот преку Анѓелески, но Рамани беше на вистинското место и ја спречи опасноста.

Сè беше решено во 88. минута, кога Шкендија го постигна вториот гол. Зејнулаи испрати одлична топка до Нзенгуе, кој излезе сам пред Џеков и рутински ја смести топката во мрежата.

Со новите три бода, Шкендија останува со максимални 15 бодови од пет кола.

Се вчитува...