Шкендија потпишува со голманот Талески, Струга ТЛ официјално потврди продолжување на договорот со Захариевски

Струга ТЛ ќе остане без услугите на првиот голман Давор Талески во следната сезона, но официјално потврди дека продолжен е договорот за уште една година соработката со шефот на стручниот штаб Срѓан Захариевски.

27-годишниот Талески се одлучи да ја прекине соработката со Струга ТЛ и во следната сезона да настапува за тетовска Шкендија. Се очекува наредниве денови да следи и официјалната промоција на Талески во црвено-црниот дрес на тетовци.

Талески претходно во својата кариера има настапи за Металург, Победа, Брегалница и Пелистер, а дел од кариерата мина и во финска Хонка и во грчката АЕ Лариса.

Срѓан Захариевски, пак, како што претходно најавивме ќе ги води стружани и во следната сезона.

„Го продолжуваме договорот со Срѓан Захариевски за уште една година. Продолжуваме со истиот тренер со кого тимот го постигна најголемиот успех, излез на меѓународната сцена. Тоа и во следната сезона ќе биде наша главна цел. Захариевски го презеде водството на нашиот тим на 12. март 2020 година, предводејќи го нашиот тим на цели 68 натпревари, на кои забележа 27 победи, 24 нерешени резултати и 17 порази“ – информираат од Струга ТЛ.

Се вчитува...