Шкендија се одлепи на врвот, Шкупи и Борец победија во „фото-финиш“

Шкендија го совлада тимот на Академија Пандев со 2-1 во Тетово и се одлепи на првата позиција на табелата во Првата лига со 14 бода. Во победничко расположение, Шкендија ќе го очекува и дуелот против англискиот премиерлигаш Тотенхем во Лигата на Европа в четврток. Бесарт Ибраими беше стрелец на двата гола за тетовскиот состав. Првиот со удар од 15 метри во 38.минута, а вториот од пенал во 74.минута, откако самиот се избори за најстрога казна по стартот на Димовски.

Сашко Пандев во 79.минута го постигна единствениот гол за Академија Пандев на овој меч. Тој со волеј-удар успеа да го изненади Захов.


Шкупи и Ренова понудија ревија голови на Чаир, a на крајот славеше домаќинот со 4-3. Дембо Дарбо погоди веднаш по судискиот свиреж за старт, уште во првата минута, а израмни Башким Велија во петтата. Јакуп Бериша во 33.минута донесе ново водство за Шкупи, но Арбер Шала израмни девет минути подоцна.

Артан Велиу во 65.минута се погрижи за пресврт, но Фатјон Јусуфи во 73.минута повторно израмни. „Гипсарите“ од 77.минута играа со фудбалер помалку по исклучувањето на Џелил Абдула. Тоа Шкупи го искористи во самиот финиш и со голот на Бианор да Силва Нето во судиското продолжение стигна до триумф.


Силекс губи во Европа, ама губи и во домашното првенство. Борец успеа да го освои Кратово откако победи со 1-2. Христијан Грозданоски донесе предност за кратовци во 21.минута, Борец израмни преку Оливер Стоименовски во 63.минута од натпреварот, а изненадувањето го донесе Ѓорѓи Ѓорѓиев во 90.минута.

Беласица има шест порази од шест меча, а на стадионот „Младост“ во Струмица денеска славеше Пелистер со 0-2. Алдаир Нето во десеттата минута и Љавдрим Фазлиу во 60.минута беа стрелци за битолскиот тим.

 

ПРВА ЛИГА, 6.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ШКЕНДИЈА – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 2-1

СИЛЕКС – БОРЕЦ 1-2

ШКУПИ – РЕНОВА 4-3

БЕЛАСИЦА – ПЕЛИСТЕР 0-2

ВЧЕРА: МАКЕДОНИЈА ЃП – ВАРДАР 2-1

РАБОТНИЧКИ – СТРУГА ТРИМ ЛУМ 1-1

Табела: Шкендија 14, Шкупи 13, Борец 11, Силекс 10, Македонија ЃП 10, Работнички 9, Пелистер 9, Струга ТЛ 8, Вардар 7, Ренова 5, Академија Пандев 3, Беласица 0.

 

Се вчитува...