Шкендија триумфално со Вардар во Скопје, Гостивар во 96. минута до победа со Струга ТЛ, Силекс пропушти триумф во Кратово (ВИДЕО)

Шкендија триумфираше со 1-2 на гостувањето против Вардар на арената „Тодор Проески“ во Скопје во најинтересниот денешен дуел на стартот од пролетниот дел во сезоната во Првата македонска фудбалска лига. Победа запиша и Гостивар од 1-0 против Струга ТЛ во дербито на колото, и тоа благодарение на голот во судиското продолжение.

Максимално интересен, квалитетен, дуел одиграа двете екипи, Вардар демонстрирајќи дека ќе игра далеку позначајна улога на фудбалската сцена за разлика од есенскиот дел, успешно парирајќи на тетовци, и покрај поразот од 1-2.

Еден од најдобрите фудбалери во македонското првенство, Бесарт Ибраими го немаше никаде речиси еден час на дуелот меѓу Вардар и Шкендија на арената „Тодор Проески“, но демонстрирајќи ја својата вистинска класа малку му требаше да најде простор за мајсторски погодок за водство на Шкендија од 0-1.

Во 54.минута од средбата најдобриот стрелец во историјата на македонскиот фудбал прими топка на 18 метри и извонредно шутираше совладувајќи го Талевски за водство од 0-1 на тетовци…

Сето тоа дојде во моментите кога Вардар беше подобар на теренот, имаше и одлична можност за погодок но гредата од голот на Шкендија во 51. минута спречи водство од 1-0 за Вардар по извонредниот обид на Азер Омерагиќ со глава.

Вардар дојде до израмнување (1-1) со голот од пенал на Закариќ во 67. минута од средбата, по повторен пенал кој претходно беше одбранет од страна на гостинскиот голман.

Вардар доби сосема оправдан пенал по играта со рака на Трумчи во шеснаесетникот на гостите. Закариќ го изведе првиот пенал, но откако одбрани голманот на Шкендија, пеналот, иако се чини регуларно одбранет, судијата Игор Стојчевски донесе одлука дека треба да се повтори поради излетување од линијата на гостинскиот голман.

 

Повторениот пенал успешно го реализираше Закариќ…

Но, Шкендија повторно брзо ја врати предноста и за победа од 1-2 со голот на Тамба во 76. минута од натпреарот.

Првиот пролетен гол сезонава на прволигашката домашна сцена падна на Чаир. Шкупи триумфираше со 2-0 против Работнички, а поведе со голот во 29. минута од средбата, благодарение на погодокот на Аворнио кој искористи во мешаницата пред голот на гостите со прецизен шут од 15 метри да стрела за водство на чаирчани…

Во второто полувреме погоди и Имери во 75. минута за конечни 2-0.

Гостивар го победи шампионот Струга ТЛ со 1-0, со погодокот на Потук од пенал дури во 96. минута од средбата.

Силекс, ремизираше (1-1) на дуелот со Шкендија. Кратовци поведоа во 30. минута со голот на Алиќ, по корнерот од десната страна и „празнината“ во одбраната на гостите…

Но, Садик од пенал во 77.минута донесе израмнување и бод за Тиквеш од Кратово…

На дуелот во Охрид, Воска Спорт славеше против Беса со 2-0 со головите на Зуљ во 73. минута и на Осеи во 77. минута од средбата.

Немаше погодоци единствено на дуелот во Битола меѓу Пелистер и АП Брера.

ПРВА ЛИГА – 19. КОЛО
Скопје: ГОСТИВАР – СТРУГА ТЛ 1-0
Потук 90’+6(п)
Кратово: СИЛЕКС – ТИКВЕШ 1-1
Алиќ 30′ – Садик 77′ (п)
Скопје: ВАРДАР – ШКЕНДИЈА 1-2
Закариќ 67′(п) – Ибраими 54′, Тамба 76′
Охрид: ВОСКА СПОРТ – БЕСА 2-0
Зуљ 73′, Осеи 77′
Скопје: ШКУПИ – РАБОТНИЧКИ 2-0
Аворнио 29′, Имери 75′
Битола: ПЕЛИСТЕР – АП БРЕРА 0-0

Се вчитува...