Шкупи доживеа дебакл во Штип како честитка од Брегалница за титулата, Шкендија триумфално со Работнички (ВИДЕО)

Шкупи откако ја осигура шампионската круна во претходното коло, со пораз на првиот натпревар како шампион во елитното друштво. Чаирчани на гостувањето во Штип доживеаја неочекуван дебакл со пораз од 4-1 од Брегалница која комплетно доминираше на натпреварот во 30. коло од ПМФЛ.

Избраниците на Илчо Ѓорѓиоски сосема заслужено славеа, со убедлива честитка на Шкупи за освоената титула.

Брегалница поведе уште во 15. минута по одличната акција по левата страна, одличното нафрлување на Коцев и ефектниот погодок со глава на Милан Ѓокиќ.

Но, по грешка на голманот на Брегалница, Денковски, Шкупи во 29. минута успеа да дојде до израмнување со голот на Адетунџи.

Во второто полувреме, повторно агресивен почеток на домашните па, во 48. минута по оправдано досуден удар од белата точка, Милан Ѓокиќ со својот втор гол сега од пенал носи предност од 2-1 за Брегалница.

Во 59. минута пенал и за Шкупи по стартот на Додев во домашниот шеснаесетник, но Денковски го брани ударот од белата точка на Алварез.

Одлична акција на штипјани во 75. минута, контранапад како од учебник за убав гол на Мартин Стојанов за 3-1. А, во 90. минута нов пенал за Брегалница, кој Марјан Алтипармаковски го реализираше за конечни 4-1.


На дуелот во Тетово, Шкендија славеше против Работнички со 1-0, благодарение на голот од пенал на Љупче Дориев во 55. минута од средбата.

ПРВА ЛИГА – 30. КОЛО

Тетово: ШКЕНДИЈА – РАБОТНИЧКИ 1-0

Дориев 55′(п)

Штип: БРЕГАЛНИЦА – ШКУПИ 4-1

Ѓокиќ 15′, 48′(п), Стојанов 75′, Алтипармаковски 90′ – Адетунџи 29′

УТРЕ (17 ч.)

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – АК. ПАНДЕВ

Тетово: РЕНОВА – СТРУГА ТЛ

Битола: ПЕЛИСТЕР – ТИКВЕШ

Велес: БОРЕЦ – СКОПЈЕ

Се вчитува...