Шкупи со денешен триумф во Битола, би можел веќе овој викенд да слави титула!

Екипата на Шкупи со денешна победа на гостувањето против Пелистер во Битола во 28. коло од Првата македонска фудбалска лига, би можела веќе уште овој викенд да слави шампионска титула!

Чаирчани се со 13 бода предност во однос на конкурентите Шкендија и Академија Пандев кои, пак, доколку загубат на утрешните свои натпревари тогаш Шкупи, на пет кола до крајот на првенството, уште сега ќе го слави трофејот, во случај на денешни три бода на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, но и доколку Македонија ЃП не слави во пресметката со Работнички.

Токму затоа е огромниот мотив во таборот на Гоце Седлоски да се дојде до победата против отпишаниот Пелистер.

„Работивме напорно изминатава недела, добро сме подготвени и во одлична атмосфера. Знам дека нема да биде лесен натпревар бидејќи тие имаат предност на домашен терен, но ние сме целосно фокусирани и во Битола одиме на победа. Триумфот е нашата цел“ – вели Бразилецот Инасио Куевен.

Екипата на Пелистер на претходните три натпревари забележа три порази, од Академија Пандев, Шкендија и од Македонија ЃП. Сега е безмалку без шанси за изненадување и против Шкупи.

Денеска во Првата македонска фудбалска лига се играат три натпревари, поради настапот на Македонија ЃП, Пелистер, Струга ТЛ во полуфиналето од Купот на Македонија на 20. април.

ПРВА ЛИГА – 28. КОЛО (денеска, 16 ч.)

Битола: ПЕЛИСТЕР – ШКУПИ

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – РАБОТНИЧКИ

Велес: БОРЕЦ – СТРУГА ТЛ

УТРЕ (16 ч.)

Штип: БРЕГАЛНИЦА – ШКЕНДИЈА

Скопје: СКОПЈЕ – ТИКВЕШ

Тетово: РЕНОВА – АК. ПАНДЕВ

Се вчитува...