Шортс: Јас сум најдобриот плејмејкер во Европа, Ф4 не е недостижна мисија за Париз

Ти-Џеј Шортс продолжува со неверојатниот раст во кариерата, откако македонскиот репрезентативец пред две години беше МВП на Лигата на Шампионите на ФИБА, лани беше МВП на Еврокупот, а сезонава е меѓу најдобрите кошаркари во Евролигата.

Дебитантската сезона на Шортс мина во блескави изданија на нашиот плејмејкер, кој не крие дека полн со самодоверба го дочекува разигрувањето за највисок пласман.

„Јас сим најдобриот плејмејкер во Европа. Не мислам да навредам никого со ова што го кажувам, едноставно тоа е она во што верувам. Моите игри од стартот на сезоната говорат најдобро“, самоуверено изјави Шортс.

Париз вечерва му гостува на Реал Мадрид во плејинот од Евролигата. Победа би ги одвела Шортс и соиграчите во четвртфинална серија со Фенербахче, додека во случај на пораз Париз ќе има уште една шанса за место во плејофот, на домашен терен против победникот од мечот Баерн – Црвена Звезда.

“Веруваме во себе, мислиме дека можеме да стигнеме не само до плејофот, туку и да играме на фајналфор турнирот во Евролигата. Имаме огромна самодоверба, тоа ја краси нашата екипа од првиот до последниот меч, покажавме дека можеме да се надигруваме со секого. Ако влеземе во плејофот, таму може да се случи буквално се“, оптимист е Ти-Џеј Шортс.

Се вчитува...