Шошкиќ: Верувам дека можеме да го повториме успехот кој го имавме со младинската селекција

Македонската кошаркарска репрезентација до 18 години денеска од 19 часот против Велика Британија ќе го одигра првиот натпревар на Европското првенство во „Б“ Дивизија кое се одржува во поруталскиот град Матошинхос.

Еден од лидерите на теренот се очекува да биде Андреј Шошкиќ кој пред само недела дена беше дел од репрезентацијата до 20 години која во Скопје играше во големото финале и избори пласман во „А“ дивизија. Бекот на Работнички верува дека „црвено-жолтите“ можат да се надигруваат со сите противници и вели дека сака да го повтори успехот.

„Зошто да не, мислам дека можеме да го повториме успехот кој го направивме со младинската селекција. Иако не тренирав постојано со оваа моја селекција во изминатиот период поради обврските кои ги имав со постарите колеги верувам во нивните квалитети. Навистина добро се познаваме, добро функционираме како тим, што е исклучително важно, имаме хемија која треба да не донесе до добар резултат на првенството во Португалија. Екипата е максимално подготвена, зад нас е еден успешно одработен период на подготовки.

Добра работа е што бевме слободни на првиот натпреварувачки ден и што имавме прилика да видиме со што располагаат нашите противници, вклучително и Британците. Мислам дека можеме да се надигруваме со сите противници. Јасно е секогаш првиот меч на првенството е најтежок за играње. Полека се аклиматизиравме по доаѓањето во Матошинос и влегуваме максимално посветени за овој нов предизвик кој со себе го носи играњето за националниот дрес“, вели Шошкиќ.

Се вчитува...