Шпанија бара селектор: Луис Енрике си замина, еден голем фаворит за функцијата

Луис Енрике е најновата селекторска жртва што ја донесе СП во Катар, откако шпанскиот кормилар се повлече од функцијата по неуспехот во осминафиналето, каде „црвената фурија“ неочекувано беше елиминирана од Мароко.

Договорот на Луис Енрике истекува на крајот од годинава, претходно се водеа разговори за продолжување на функцијата, но слабиот настап на Шпанија во Катар придонесе да дојде до крај на соработката.

„Спортскиот дел од раководството на Шпанската Фудбалска Федерација поднесе извештај до претседателот во кој се бара да биде отпочнат нов циклус во шпанската фудбалска федерација. По согласноста добиена од претседателот Луис Рубиалес, спортскиот директор Хозе Франциско Молина оваа одлука му ја соопшти на селекторот Луис Енрике“, се вели во соопштението на шпанската куќа на фудбалот.

Огромен фаворит во трката за нов селектор е Луис де ла Фуенте. Станува збор за 61-годишен стратег кој од 2013 работи како дел од младинските селекции, најпрвин како селектор на У19, а од 2018 и како селектор на У21 репрезентацијата на „црвената фурија“. Шпанците се со став дека Де ла Фуенте заслужува да добие шанса за работа и со најдобрата селекција, а неговото официјално именување би требало да се случи до крајот на годинава.

Се вчитува...