Шпанците сигурни, Полска немаше сили за сензација

Шпанија е вториот полуфиналист на СП 2019 во Кина откако „црвената фурија“ ја оправда фаворитската улога на дуелот со Полска, триумфирајќи со резултат 90-78. Полјаците одиграа квалитетно, во неколку ситуации се враќаа од двоцифрена негатива, но на крајот сепак пресуди класата на шпанските асови, кои со шестата победа во низа стигнаа до полуфиналето.

Шпанците ја добија првата четвртина со 22-18, а потоа на одмор заминаа со само пет поени предност (46-41). Во третиот и во четвртиот период избраниците на Скариоло стигнуваа до двоцифрена позитива, но тврдоглавиот противник не се предаваше. На нешто повеќе од пет минути до крајот резултатот гласеше 76-72 за Шпанија, пред работите во свои раце да ги преземе Рики Рубио. Одличниот плејмејкер погоди две тројки во серија, потоа и асистираше до соиграчите, за нова двоцифрена предност што беше претворена во победа од конечни 90-78.

Рубио одигра одличен натпревар со 19 поени и 9 асистенции, Вили Хернангомез постигна 18 поени, а Руди Фернандез го заврши мечот со 16 поени. Најдобар поединец во таборот на Полска беше Слотер со 19 поени.

„Црвената фурија“ в петок ќе води битка за место во големото финале против подобриот од утрешниот дуел Австралија – Чешка.

Се вчитува...