Штета: Промашен пенал на крајот и минимален пораз од Словенија

Женската ракометна репрезентација на Македонија претрпе пораз од минимални 29-28 на првиот дуел од двомечот со Словенија како дел од ЕХФ Европскиот куп како дел од подготовките за ЕП 2022. Напредокот во играта на македонската селекција е очигледен од натпревар во натпревар, а вистинска штета е што одличното издание денеска не беше крунисано и со подобар резултат, особено ако се знае дека нашите ракометарки имаа пенал на десетина секунди до крајот, но нереализираниот удар на Гичевска значеше и минимален пораз.

Словенија подобро го отвори натпреварот, па домашната селекција по нецели пет минути стигна до водство од 5-1. Македонските ракометарки ја стабилизираа играта и намалија на 5-4, но при овој резултат примија два гола од пивотот Клеменчич во период кога Словенија имаше играч помалку на теренот. Во ритам влезе и најдобрата словенечка ракометарка Ања Грос, која по 14 минута игра постигна пет гола без промашување, па македонскиот селектор Савевски беше принуден да побара тајмаут при резултат 10-5.

Следеше промена на одбранбената зона во 5-1, тактика што вроди со плод, па Македонија благодарение на голманката Мицевска и на крилото Ристовска се врати во мечот, намалувајќи на 11-10 по новиот реализиран пенал на Гичевска. При резултат 13-12 беше пропуштен напад за израмнување, потоа при 14-13 Јанеска не реализираше зицер од контранапад, по што Словенија на одмор замина со водство од 15-14, по погодокот што од крило го постигна Сара Ристовска.

Вториот дел почна со одлично издание на македонската одбрана, па по двата гола во низа на Моника Јанеска нашата селекција во 38. минута стигна и до првото водство на натпреварот (18-19). Словенките набрзина дадоа два гола, но Македонија пак се врати и преку Сара Ристовска стигна до водство од 22-23. Следеше период од пет минути без постигнат гол што домаќинките го искористија за да поведат со 25-23, пред Ристовска од контранапад за момент да го запре нивниот налет. Грос постигна неколку гола од игра, но Мицевска го запре нејзиниот седмерец на четири минути до крајот, при водство на Словенија од 28-27.

Гичевска го постигна својот седми гол на мечот за израмнување на 28-28, домаќинките поведоа со 29-28, но Македонија имаше последен напад за израмнување, во кој тргна со „седум на шест“. Избраничките на Савевски се решија за атрактивен цепелин на Ристовска до Јаневска, при што нашиот бек беше фаулиран за седмерец. Гичевска ја презеде одговорноста, но нејзиниот обид беше запрен и Македонија претрпе минимален пораз од 29-28 во Целје.

Симона Стојковска со осум гола беше најефикасна во македонскиот табор, еден помалку постигна Гичевска, Сара Ристовска реализираше шест погодоци, додека Мицевска беше одлична на голот со десет успешни интервенции.

Овие две селекциии ќе одиграат уште еден меѓусебен дуел в недела, овојпат во Скопје, како дел од ЕХФ Европскиот куп на земјите-домаќинки на претстојниот европски шампионат.

Се вчитува...