Машката младинска репрезентација на Македонија го претрпе вториот пораз на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Братислава. Во натпреварот од четвртото коло во групата „А“, подобра беше селекцијата на Шведска, која со победата од 86-64 го потврди првото место во групата.
Македонските младинци влегоа мотивирано во дуелот со досега непоразениот противник, но Швеѓаните уште во првото полувреме успеаја да ја наметнат својата препознатлива игра. Првата четвртина ја добија со 23-16, а со уште една речиси идентична (22:16) на паузата заминаа со двоцифрена предност од 45-32.

И покрај резултатската негатива, Македонија беше рамноправна во скокот (23-22), а Марко Луканоски уште до полувремето стигна до двоен ефект од 11 поени и 10 скока. Поддршка имаше од Коста Ќириловски, кој реализираше седум поени и шест скока, како и од Марјановиќ со пет поени.
Она што не ѝ дозволи на нашата селекција да остане резултатски поблиску беше реализацијата во нападот. Македонија погоди само три шута за три поени од 14 обиди, а во првите 20 минути забележа и 11 загубени топки, што квалитетната шведска репрезентација знаеше да го казни.
Во продолжението, лидерот во групата дополнително го засили ритамот. Со агресивна одбрана и сигурна реализација, Шведска постепено ја зголемуваше предноста, која на крајот од третата четвртина достигна и 31 поен (72:41), со што практично ги разреши сите дилеми околу победникот.
Во нашата селекција, Луканоски запиша дабл-дабл резултат, нашиот стартен центар дојде до 15.поени и 13.скока. За кратко време, во вториот дел од играта Димовски даде девет поени, еден помалку постигна Марјановиќ. Ќириловски остана на седумте поени од првото полувреме, а Трајанов заврши со шест реализирани поени.
За Македонија сега следува натпреварот кој ќе го затвори настапот во групната фаза. Утре (15 јули), со почеток од 21.00 часот, избраниците на селекторот Никола Велев ќе се сретнат со Азербејџан во дуел што ќе биде од голема важност за конечниот пласман во групата „А“.
ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ДИВИЗИЈА„Б“ – „ПОД 20“ – МАЖИ – БРАТИСЛАВА
ГРУПА „А“ – РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 4. КОЛО
Македонија – Шведска 64-86
20.30: Ирска – Азербејџан
ТАБЕЛА
1.Шведска 4 4 0 344:250 8
2. МАКЕДОНИЈА 3 1 2 191:218 4
3. Азербејџан (-1) 2 1 1 130:151 3
4.Ирска (-1) 2 1 1 127:146 3
5.Словачка 3 0 3 199:226 3
ИДНО КОЛО (15.ЈУЛИ)
18.00. Словачка – Ирска
21.00: Азербејџан – МАКЕДОНИЈА
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
