Трофејот во Купот на Македонија годинава патува во Кратово. Силекс со еден гол успеа да го добие големото финале против Шкендија, и така да го освои пехарот. Мечоит беше речен на 20. минути пред крајот, кога Алиќ успеа да ја казни огромната грешка на Фетаи, и така да ја остави Шкендија без трофеј сезонава. Мечот беше тврд, со многу дуели, неколку шанси, и беше јасно дека само еден детал и момент ќе решава за победникот. Тој момент го искористија кратовци, и го носат пехарот во Купот, а со тоа обезбедуваат излез и во Европа, во Лигата на Конференции.
Тврдо и борбено прво полувреме, тактичко надмидрување и игра главно на средината на теренот. Силекс добро тргна, Алиќ уште во 9. минута шутираше опасно, внимателен беше Гаје.
Потоа кратовскиот тим како да падна, па Шкендија ја презеде иницијативата. Изведе неколку корнери, неколку прекини, а токму од прекин Ндзенгуе со глава ја имаше првата прилика за тетовскиот тим, Џеков не дозволи изненадување, па одби во корнер.
Играта се врати по старо, на средината на теренот, се чекаше грешка, а еден брз противнапад можеше да донесе промена на резултатот во финишот на првиот дел, кога Красниќи не стигна за дел од секунда да ја смести топката во голот по продорот на Љатифи од левата страна.

Нешто подинамично беше во вториот дел, каде што двата тима имаа шанси. Прва се закануваше Шкендија, а потоа следуваа и минути на Силекс.
После една брза акција во завршница се најде Трумчи, кој во 47 минута шутираше само над голот. Следуваше обид на Красниќи од 25. метри, Џеков беше на место. Мирно беше се до 65. минута, а потоа еден убав удар на Љатифи, кој одеше во долниот десен агол, одлично со парада одбрани Џеков.
Силекс беше „мирен“ и без идеја се до 71. минута. Тогаш една неочекувана грешка од репрезентативецот Фетаи, кој не ја прими топката на средината на тернеот, па Додев ја украде топката и од левата страна проби се до 10-11 метри, додаде до осамениот Алиќ кој од 5-6 метри го совлада Гаје.
КУП НА МАКЕДОНИЈА, ФИНАЛЕ
СИЛЕКС – ШКЕНДИЈА 1-0 (0-0)
Национална Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: 5.000.
Судија: Игор Стојчевски.
Стрелци: Алиќ 71′
Ж. Картони: Тимовски, Пиреш, Ѓ.Џеков (С) – Алхасан, Трумчи, Зејнулаи, Мазари, Мељиќи (Ш).
СИЛЕКС: Љ.Џеков, Тимовски (83′ Димитриевски), Шуберт, Бутуровиќ, Ѓ. Џеков, Ефтимов (65′ Мирчевски), Донов, Додев (74′ Делимеѓац), Анѓелески, Пиреш, Алиќ (83′ Мишов).
Тренер: Александар Васоски.
ШКЕНДИЈА: Гаје, Трумчи, Фетаи, Ислами, Ајетовиќ (81′ Мазари), Алхасан (70′ Мељиќи), Зејнулаи (81′ Крстевски), Красниќи, Љатифи, Тамба (58′ Спахиу), Ндзенгуе.
Тренер: Јетон Беќири.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
