Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, стави крај на шпекулациите околу иднината на Хулијан Алварез и порача дека клубот нема намера да се раздели со аргентинскиот напаѓач.
Иако Алварез наводно изразил желба да го напушти „Метрополитано“ ова лето, ставот на Атлетико е јасен – клубот сака да го задржи еден од своите најважни фудбалери.
За услугите на Алварез најголем интерес покажува Барселона, а како можни опции за негов трансфер се споменуваа и Реал Мадрид, Арсенал и Пари Сен Жермен.
„Ситуацијата е многу јасна. Клубот донесе одлука, што Мигел Анхел веќе одлично ја објасни. Од спортски аспект, исклучително сме задоволни што имаме играч како Хулијан. Ќе му помогнеме да продолжи да напредува и да се развива“, изјави Симеоне на прес-конференција.
Аргентинскиот стратег ситуацијата со Алварез ја спореди со онаа на Антоан Гризман, кој во минатото го напушти Атлетико, а потоа се врати во клубот.
„Поминавме низ сличен период со Гризман. Тој мораше да замине, а потоа да се врати и повторно на теренот да го докаже квалитетот и статусот што го има“, потсети Симеоне.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
