Симовски: Мора да најдеме модул овие девојки што почесто да бидат заедно, за да нема осцилации во играта

Селекторот на женската ракометна репрезентација Симе Симовски е задоволен од изданието на своите избранички по втората победа (28-24) над Фарските острови во квалификациите за ЕП 2018, потенцирајќи дека мора да се овозможи репрезентативките што повеќе да бидат заедно за да се овозможи корегирање на оние недостатоци во играта кои се појавуваат.

„Честитки до ракометарките за двете победи во овој квалификациски циклус, без разлика што бевме фаворити во двете пресметки. Секогаш вела дека треба да бидеме претпазливи. Скандинавките играат ракомет сите 60 минути, а тука спаѓа и ракометот во оваа земја. Така беше и денеска“ – истакна Симовски по мечот со Фарските острови и дополни:

„Имавме одредени осцилации во играта, во дадени ситуации не одработивме како што треба на терен. Треба да обрнеме внимание повеќе и на физичката подготовка на овие ракометарки. Во кој контекст? Ни требаат и повеќе натпревари на репрезентација, и повеќе заеднички собири, затоа што во рок од четири-пет дена на само еден собир тешко се корегираат одредени недостатоци. Затоа во иднина треба да најдеме некој модул овие девојки што подолго да бидат заедно за да сето тоа вроди плод“.

Сега, во квалификациите ни остануваат Шведска и Србија…

„Објективно и двете селекции се фаворити против нас. Но, против поквалитетни репрезентации знаеме и подобро да одиграме. Мотивацијата можеби ќе биде и на повисоко ниво па да се надеваме и на поволен резултат“ – рече Симовски.

Се вчитува...