Симовски: Не треба многу да „летаме“, мирно од меч на меч кон зацртаните цели

Селекторот на македонската женска репрезентација, Симе Симовски ги собра ракометарките за квалификацискиот турнир за место во баражот за пласман на СП во Шпанија, кој од 19. до 21. март ќе се игра во Скопје.

Македонија ќе се соочи со Исланд, Грција и Литванија во желбата за освојување на едно од првите две места во групата. Селекторот Симовски на стартот од подготовките потенцира дека мора да се оди мирно од натпревар на натпревар, без залетување и со респект кон секој противник. Репрезентацијата ќе се комплетира утре со приклучувањето на голманката на израелски Макаби Рамат-Ган, Матеја Серафимова.

„Атмосферата е одлична во тимот. По првите два тренинга може да кажам дека кај дел од ракометарките, кои настапуваат во Лигата на шампионите и во Европската лига формата е на одлично ниво. Секако има и недостатоци кои ќе се обидеме да ги анулираме за да се дојде до максимумот на натпреварите престојниов викенд“ – вели Симовски.

Прв фаворит за првото место во групата се Исланѓанките, со кои Македонија се соочува на 19. март.

„Исланд го знаеме добро, откако сум јас селектор имаме одиграно три натпревари одиграно. Добро ги познаваме иако сега составот им е сменет, им недостасуваат неколку ракометарки. Имаме ние свои математики, но мора да кажам дека не треба многу високо да летаме затоа што секоја селекција доаѓа во Скопје по победи и со свои цели. Нашите анализи кажуваат дека можеме да се носиме со секоја репрезентација, но треба мирно од меч на меч да одиме по нашите цели“ – дополнува Симовски.

Се вчитува...