Се е подготвено за продолжение на сезоната во одбојкарскиот шампионат на Македонија, а дел од екипите ја искористија паузата за да ги засилат своите редови.
Лидерот Џио Струмица останува главен фаворит за титулата откако во првите девет меча забележа девет победи со максимален сет-количник 27-0. Струмичани сепак не мируваа зимава, купувајќи двајца играчи. Станува збор за Славе Наков, кој замина од косовската екипа Дреница и повторно ќе игра за бранителот на ланската двојна круна. Дресот на Џио Струмица ќе го носи и Ристо Балџиев, кој реши да се врати на терените и да ја продолжи кариерата.
Екипата на Шутова, која беше првак во 2016 година, беше најактивна на пазарот купувајќи шест нови одбојкари во обид да го подобри пласманот откако првиот дел од сезоната го заврши на шестото место. Најзвучно име во таборот на Шутова е репрезентативецот Ѓоко Јосифов, кој беше блиску до преселба во Вардар, но наместо тоа избра преселба во кичевскиот клуб. Покрај Јосифов, значајни адути на Шутова ќе бидат и Ѓоко Маџиров, Станислав Азаров, Давид Сотировски, како и Бразилецот Рабел Коелјо и српскиот одбојкар Игор Суботиќ.
Второпласираниот тим на табелата, Универзитет во Тетово, ги засили своите редови со Сашко Ивковиќ од Литија, како и со поранешните членови на Шутова, Исљами и Абази. Стефан Алексов и Љупчо Зенделов се нови играчи на Весна Пробиштип, додека Елфат Абди, Менсур Хазаи и Александар Лепидовски ќе настапуваат во Лирија, а Иван Христовскси и Димитав Илиевски ќе го облечат дресот на Јанта волеј. ГОК Борец ќе се обиде да влезе во победнички ритам со помош на Филип Ајдаров, Илија Илиевски и на Дејан Гиноски.
Кај дамите, исто така, имаше интересни потези на одбојкарскиот пазар. Најмногу профитираше екипата на Работнички – Скопје, којашто ги ангажираше Еми Веселкоска и Ерјона Јонузи. Веселкоска порано беше дел од шампионскиот состав на Јанта волеј, а Јонузи настапуваше за Универзитет во Тетово. Ускана ангажираше дури осум, а во трката за врвот, Наковски волеј и Работничи – Жени се освежија со по две нови одбојкарки.
М. Апостолоска
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА