Сити почна со потписи – Торес „граѓанин“ до 2025 година

Серијата засилувања на Манчестер Сити и официјално стартуваше вечерва со официјализацијата на трансферот на Феран Торес, откако суперталентираниот шпански фудбалер потпиша договор со „граѓаните“ со важност до 2025 година. Брзоногиот офанзивец пристигна од редовите на Валенсија за почетна сума од 23 милиони евра, плус 12 милиони евра преку неколку клаузули, што е одличен бизнис за „граѓаните“ со оглед на потенцијалот што го поседува овој 20-годишен играч.

Валенсија минатото лето бараше 80 милиони евра за Феран Торес, но откако тој во меѓувреме не потпиша нов договор, а актуелниот му истекуваше во јуни 2021 година „лилјаците“ беа принудени да го продадат за да не си дозволат тој следното лето да си замине без никаква отштета.

„Среќен сум што доаѓам во клуб како Сити, секој фудбалер сака да игра во офанзивен тим како Манчестер Сити и мене ми е чест што ќе играм за Пеп Гвардиола. Тој е стратег што секогаш прави неговите фудбалери да напредуваат во секој аспект на играта, едвај чекам да ја почнам соработката со него и да стартувам со натпревари за Сити“, изјави Торес по потписот на договорот.

Се вчитува...