Скандали во исландската федерација пред мечот со Македонија: Првиот човек Бергсон си поднесе оставка поради „секс скандал“

Скандали во исландскиот фудбал пред квалификацискиот натпревар со Македонија кој се игра на 5. септември во Рејкјавик за пласман на СП 2022.

Претседателот на Исландската фудбалска федерација Гудни Бергсон си поднесе оставка по неколкудневниот притисок од јавноста на Исланд поради обвинувања за сексуални злоупотреби во националните тимови во 2017 година.

Гида Арнарсдотир, волонтерка во Исландската фудбалска федерација, информираше неодамна дека во 2017 била силувана од страна на фудбалски репрезентативец на Исланд. За сето тоа бил запознаен и претседателот Бергсон но, според информациите од Исланд, не реагирал да се открие целокупниот скандал. Бергсон, пак, негираше дека бил запознаен со случајот. Но, откако Обвинителството на Исланд откри дека Арнарсдотир ја зборува вистината а Бергсон бил запознаен со случајот па дури и испратил и адвокат за исплата на компензација а притоа да потпише изјава за доверливост на информацијата која не смее да излезе во јавност, првиот човек на Исландската федерација сега си поднесе оставка.

Официјално извинување до Арнардотир испрати преку соопштение и Управниот одбор на Исландската фудбалска федерација од каде најавуваат дека изборите за нов претседател на сојузот ќе се одржат во февруари следната година, а до тогаш федерацијата ќе ја води потпретседателот Гисландсон.

Се вчитува...