Скопје и Башкими ја бркаат првата победа во ПМФЛ

Денеска во единствениот натпревар од шестото коло во Првата Македонска фудбалска лига меѓу себе ќе играат двете последнопласирани екипи на табелата, Скопје и Башкими кои се единствени без триумф досега.

Овој дуел ќе биде нова можност за една од двете екипи да дојде до првото славје во новата сезона, а Башкими ги брка и првите бодови воопшто досега.

Скопје по пет кола има учинок од три ремија и два порази и од таборот на домашниот тим се убедени дека ќе дојдат до првиот триумф.

„Фокусот е максимален, сите размислуваме за победа“, порачуваат од таборот на Скопје.

Башкими кој во минатото коло го постигна првиот гол сезонава, во дуелот со Шкендија Арачиново (1:2), во меѓувреме се засили со Антонио Да Силва Санка Рашид и Елиас Ганим.

„Натпреварите против Скопје на гостински терен секогаш се многу тешки. Скопје се враќа на својот стадион и нè очекува исклучително физички дуел. Сепак, ние ќе се бориме за секоја топка и се надеваме дека ќе се вратиме дома со бодови“, изјави централниот дефанзивец на Башкими, Фати Исмаили.

Двете екипи досега се имаат сретнато вкупно 6 пати – четири пати во Втората лига, еднаш во Купот на Македонија и на еден контролен натпревар. Поуспешен во овие дуели е ФК Скопје со три победи, додека ФК Башкими сè уште ја чека својата прва победа. Три меча завршиле без победник.

Натпреварот меѓу ФК Скопје и ФК Башкими ќе се одигра на стадионот при ФФМ во 16:30 часот.

Се вчитува...