Славје на Интер во лудото миланско дерби

Во феноменален натпревар со пет гола, Интер го совлада Милан со 2-3 во дерби дуелот од 28. коло во италијанската Серија А. Избраниците на Лучијано Спалети стигнаа до водство со брзиот погодок на Лаутаро Мартинез во третата минута од средбата. Интер продолжи да го напаѓа голот на индиспонираниот Милан, а за издвојување од првиот дел е стопроцентната шанса на Весино, кој во 30. минута од непосредна близина шутираше високо над голот на Донарума.

На стартот на второто полувреме продолжи доминацијата на „нероаѕурите“, која во 51 минута ја материјализираше Стефан де Фрај.  Овој гол како да ги разбуди фудбалерите на Милан, кои преку Бакајоко во 57. минута го намалија резултатот на 1-2.

Набрзо следуваше „ладен туш“ за домаќините, откако Кастиљехо невнимателно реагираше во својот шеснаесетник, фаулирајќи го Матео Политано, по што главниот судија на мечот Марко Гуида, досуди пенал за гостите. Ударот од белата точка го реализираше Лаутаро Мартинез во 67. минута.

Четири минути подоцна избраниците на Џенаро Гатузо повторно се вратија во натпреварот, откако по една лоша интервенција на одбранбените фудбалери на Интер, најприсебен беше Матео Мусакио. До крајот на мечот за издвојување е исклучувањето на тренерот на Интер, Лучијано Спалети, кој беше гневен на судијата Гуида, откако по прегледување на ситуацијата, го поништи црвениот картон што претходно му го додели на фудбалерот на Милан, Андреа Конти.

Со победата на „Дерби дела мадонина“ Интер го прескокна Милан на првенствената табела, сега „нероаѕурите“ имаат 53 бода, односно два повеќе од својот градски ривал.

Се вчитува...