Словенија е пречката во баражот за македонските ракометарки

Македонската женска ракометна репрезентација ќе се соочи со Словенија во бараж-двомечот за пласман на Светското првенство следната година во Јапонија. Ова е исходот од денешната ждрепка за двојките од последниот квалификациски филтер. Извлекувањето се одржа во финишот од актуелното Европско првенство во Франција.

Првите бараж натпревари ќе се играат во периодот од 31 мај/2 јуни, а реваншите ќе бидат меѓу 4 и 6 јуни 2019 година. Победниците обезбедуваат пламан на СП во Јапонија што ќе се одржи од 29 ноември до 15 декември 2019 година.

Македонската репрезентација нема учество на големо натпреварување од Европското првнество во Србија во 2012 година. На последниот бараж за мундијалски настап, македонските ракометарки беа елиминирани од Шведска.

Директен пласман на СП 2019 во Јапонија покрај домаќинот обезбедува  и Франција како актуелен светски шампион и трите најдобро рангирани селекции, односно преостанатите три полуфиналисти на ЕП – Холандија, Романија и Русија.

Бараж двојки за СП 2019:

Македонија – Словенија

Хрватска – Германија

Данска – Швајцарија

Белорусија – Норвешка

Србија – Полска

Чешка – Црна Гора

Австрија – Унгарија

Шпанија – Исланд

 

Се вчитува...