Смилковски: Кога играш против екипа како Пелистер единственото нешто е да ја сакаш победата повеќе од противникот

ТФТ и Пелистер приредија фантастичен дуел на „Кале“ во Првата македонска кошаркарска лига. Најпријатното изненадување во мак-баскетот, новалијата ТФТ стигна до сензационална победа над досега непоразениот Пелистер. Избраниците на Боро Смилковски одиграа перфектен натпревар во кој во поголемиот дел ја имаа предноста во свои раце, а блескавата игра во третата четвртина, во која „црно-белите“ постигнаа 30 поени а примија само 13 поени, беше клуч за новиот успех.

„Мислам дека сме една исклучително емотивна екипа, тргнувајќи од врвот до дното или обратно, и така некако пред секој натпревар наоѓаме некоја приказна до која што се држиме и што навистина ни значи за секој предизвик, а истата денеска ни се оствари. Пред самиот дуел беше реално да се каже дека ова е дуел меѓу најпријатното изненадување во првенството и најдобрата и непоразената екипа до сега, и мислам дека натпреварот го оправда епитетот. Кога играш против една толку добра екипа едиственото нешто што можеш да го направиш е да ја сакаш победата повеќе од противникот. Ги остваривме тактичките замисли за натпреварот, агресивната одбрана вроди плод, трчавме добро во транзиција и инволвиравме доста играчи офанзивно. Го лимитиравме најдобриот напад во лигата, кој постигнува повеќе од 100 поени, а сега само 80. Па мислам дека ова беше и клучот за победата“ – изјави за ЕКИПА тренерот на ТФТ.

Со денешната победа ТФТ се искачи на третото место на табелата со скор од шест победи и два пораза и е на добар пат во првата сезона меѓу „елитата“ да оствари учество меѓу најдобрите шест тима во втората фаза од натпреварување. Сепак младиот стратег на тимот од Тафталиџе апелира на претпазливост, сезоната е долга и неизвесна.

„Оваа победа ќе ни значи премногу, но не смееме да заборавиме кои сме и од каде доаѓаме, бидејќи овие натпревари каде што немаш што да загубиш се полесни за играње. На хартија пред почеток на првенство или воопшто пред натпреварот не ги ни планираш двата бода. Потешки се оние дуели против директни конкуренти, што на нас се уште ни престојат, без разлика на тоа што котираме добро на табелата. Првенството е многу долго и ни претстојат уште дваесетина натпревари со оние во плејаутот или Суперлигата, па мораме да бидеме приземни. За нас се битни оние дуели против конкурентите за опстанок, а доколку можеме повторно да изненадиме некоја голема екипа, зошто да не“ – дополнува Смилковски.

ТФТ во следното коло од Првата лига треба да се соочи со составот на Куманово, против кој „црно-белите“ имаат учонок од една победа и два пораза оваа сезона согласно со дуелите од БИБЛ лигата. Како потсетување, последниот двобој им припадна на избраниците на Смилковски кои на домашен терен славеа со убедливи 83-54.

Се вчитува...