Смилковски: Неискуството на играње против екипи како МЗТ го реши дуелот

Новалијата ТФТ го претрепе првиот пораз во новата година откако загуби на гостувањето во Аеродром против МЗТ Скопје со 91-78 во заостанатиот натпревар од четвртото коло. Младиот состав на Боро Смилковски покажа карактер и на оваа средба, кога по негативата од 30-19 во првата четвртина, одигра одлична одбрана до крајот на полувремето, ги лимитираше „сино-белите“ на 16 постигнати поени и стигна до изедначување.

Високиот ритам на мечот за тимот од Тафталиџе продолжи до средината на последната четвртина, но „црно-белите“ немаа доволно сили да одговорат на искусниот состав од „Јане Сандански“ и да ја продолжат фантастичната серија на победи против фаворитите.

„Некоја вина за поразот можам да барам во неискуството на играње натпревари против екипа каква што е МЗТ,  но тоа што ми се допадна е што реагиравме добро во втората четвртина после „уплашениот“ влез во дуелот. Игравме егал до последните пет минути, а пресудија неколку минијатури на наши репрезентативци. Дамјан погоди тежок шут, „фаул-кош“ за три, Крстевски закуца на промашен шут, претходно постигна и три поени, тоа беа моментите од кои ние не можевме да се вратиме. Мислам дека беше од големо значење овој натпревар за нас, играме повторно против нив за две, три недели и мислам дека ќе имаме што да кажеме на тој дуел“ – изјави за ЕКИПА, тренерот на ТФТ.

Се вчитува...