Пулексенија Јованоска е девојка која успеа да ги преброди сите проблеми кои што ги носи професионалната кариера, но и животот. Да се избори со се и како што самата знае да каже „Спортот го менува светот“, таа со помош од вистинските луѓе успеа да ја промени кариерата, да го промени својот живот. Од година во која што остана без клуб и тренери и имаше големи проблеми со повреди, само 365 дена подоцна Јованоска е „спортска ведета“ на Македонија.
______________________________________________________________________________________________________________________________________
Беше избрана за спортистка на Македонија за 2019 година. Какво е чувството да си најдобра во својата држава и дали тоа за тебе претставува дополнителен мотив или притисок, бидејќи очекувањата сега се многу поголеми?
Освојувањето на Оскарот е голема одговорност. Сите од мене очекуваат многу, и АМС, МОК и КФМ. Затоа не смеам во ниту еден момент да попуштам и да ги разочарам. Во четвртокот вечерта јас го добив оскарот, а веќе во петокот наутро бев на тренинг. Секој тренинг е насочен кон целта, а тоа е да бидам достоен амбасадор на Македонија во светот. 2014 година кога бев избрана за млада спортистка, ветив дека ќе дадам се од себе и во сениорска конкуренција да ги повторам истите резултати. По четири години го добив и Оскарот за најдобра спортистка на Македонија, признание кое е плод на сите откажувања, вложувања и посветеност. Не е мала работа да станеш најдобра спортистка на Македонија и навистина еден од моите соништа е веќе остварен. Навистина, да не звучи нескромно, но јас 365 дена во годината тренирам и ми значи што годинава беше препознаен мојот труд. На 1. јануари можете слободно да дојдете на „Кеј“ и да видите дека ќе бидам таму, традиционално со тренинг да ја почнам новата 2020 година.
Иако каратето е еден од најуспешните спортови во државата, сепак не е толку експонирано во јавноста. Дали ти годи експонираноста овој период која ја имаш по освојувањето на наградата?
Би била лажно скромна ако кажам дека не ми е убаво тоа што сум спортистка на Македонија. Сепак, за мене успешен спортист е тој што си ја гледа својата работа. Мое е да вежбам да работам, да се посветам на тренинзите. Тоа што го ветив на целата македонска јавност да го исполнам. Моја задача е да носам резултати и да давам максимум во следниот период. Не ми пречи што сум експонирана овој период, тоа ми дава „ветар во грб“, ми дава мотив. Благодарна сум на сите за тоа и мило ми е што преку оваа манифестација каратето докажа дека е еден од најуспешните спортови во Македонија. Минатата година Емил беше спортист на годината, годинава јас, добиваме голем број награди секоја година и поради тоа ми е навистина мило.
Годината почнува со Државно првенство кое на програмата е на 11. јануари. Колку се тешки тие домашни првенства, бидејќи само најдобриот од него има право да настапи на „големите“ карате смотри?
На 2. јануари со клубот заминуваме на подготовки во Кожув, како подготовка за Државното првенство кое е закажано за 11. јануари, што е важен турнир бидејќи само шампионот има право за настап на Европското првенство во Баку, Азербејџан. Секој натпревар за мене има посебна тежина. Никогаш не сум дозволила да калкулирам и да изработам послабо, бидејќи така го потценувам сиот труд што сум го дала во минатото. На тие турнири доаѓаат во публика млади деца кои се дојдени да гледаат квалитетно карате на нас и еден ден сакаат да бидат како нас и затоа не е фер да калкулирам и да не изработам како што треба. Тука се и судии гости кои судат и на големите натпреварувања и морам со секој мој настап да оставам добар впечаток, кој ќе има позитивно влијание и на големите натпреварувања. Десет години сум државен првак уште од најмалите категории и затоа секое искачање на татамите давам 100 отсто, и како што знаат да кажат и колегите од другите спортови со „срце на терен“ на секое претставување.
Минатата година ја заврши како петтопласирана на Европското првенство. Дали годинава си подготвена да нападнеш и медал?
Постојано котирам во врвот и цело време сум на чекор од медал. Сакам 2020 да дадам максимум и се што правам досега ми е насочено кон тоа Европско првенство на кое сакам за прв пат да ја пробијам таа бариера од петто место и да донесам прв медал за Македонија во кати од големите натпреварувања. Многу се тешки и Европските првенстава бидејќи конкуренцијата е неверојатна, а освен Јапонката, сите други најдобри каташки во светот доаѓаат од Европа. Затоа една од главните цели ми е со максимална пожртвуваност и малку среќа да успеам конечно да бидам меѓу медалистките.
Историска година за каратето. Прв пат овој спорт ќе биде дел од Олимписките игри. Колкави се шансите ти да бидеш првата македонска спортистка со обезбедена норма за учество на едни Летни олимписки игри?
Во квалификациите за ЛОИ во Токио право за настап ќе имаат само педесетте најдобри на ВКФ листата. Јас во моментов сум на четириесеттото место, а позитивно е тоа што само по еден натпреварувач од секоја национална федерација има право на настап. Пред мене на листата има многу Јапонки, Шпанки и Италијанки кои се меѓу најдобрите, а само една од нив може да оди во квалификациите. Тоа го гледам како моја шанса за со малку среќа да успеам да бидам единствена македонска спортистка која со норма успеала да обезбеди настап на Летни олимписки игри. Свесна сум колку е тешко да се влезе меѓу тие десет најдобри. Идам чекор по чекор. Прво Премиер лиги, па Европско првенство, па потоа ќе размислувам за квалификациите. Сепак, верувам во себе и ќе дадам максимум да успеам да стигнам до Токио, бидејќи ова е историска и единствена шанса за нас каратистите бидејќи само на овие ЛОИ каратето ќе биде олимписки спорт. Еден голем човек кажал „Спортот може да го промени светот“. Има општо мислење дека за Македонија поради судиски одлуки и се останато е невозможно да се направи добар резултат во кати. Не е тоа така. Јас го донесов првиот европски медал за Македонија, така да се е возможно. Колку и да е тешко и невозможно да се стигне до таа норма, верувам во себе и верувам дека од секој турнир можам да извлечам максимум како би стигнала до крајната цел пласман на ЛОИ.
Како професионален спортист во текот на кариерата се соочуваш со многу проблеми. Како се избори со сите проблеми кои што ги имаше во 2018 и од девојка која остана без клуб и тренери, сега година подоцна да бидеш најдобра спортистка во нашата земја?
2018 имав многу проблеми со повредите. Тоа беше најтежок период за мене во кариерата. Операција на коленото и навистина беа тешки месеци за мене. Имав проблеми и во мојот матичен клуб, каде моите тренери едноставно ме оставија на цедило. Имав голема поддршка од Карате федерацијата на Македонија, но и самата не се откажував. Одев на семинари во Словачка, работев со светски тренери, каде учев нови кати. Имаше моменти кога ми беше доста од се. Психички бев многу падната, но и покрај се, секој ден бев во сала. Четиринаесет дена по повредата веќе бев во теретана, а само месец дена подоцна настапив на Светското првенство во Мадрид. Животот ме учеше да бидам борец и никогаш да не се откажувам и уште еднаш си докажав сама на себе дека сум посилна од сите проблеми.
Иако имаш уште долги години кариера. Каде се гледа Пулексенија Јованоска по завршувањето на кариерата?
Искрено, не гледам како би се откажала од карате. Помислата на тоа да не отидам во денот барем еднаш на тренинг, едноставно не знам како би живеела. Ако еднаш ти се насади каратето во душата, таа врска останува за цел живот. Знам дека кога ќе ја завршам кариерата сакам да останам во каратето и моето знаење да го пренесам на младите. Македонија има талент за кати. Деца кои навистина се трудат и вежбаат и навистина ме потсетуваат на мене во млади години и затоа сакам да помогнам на секој што ќе сака да ја прифати мојата помош. Така да кога ќе завршам со професионалната кариера дефинитивно се гледам како тренер, па еден ден здравје и да бидам селектор во кати во репрезентацијата.
Доби награда и од организацијата ТАКТ за најдобрите жени во македонскиот спорт. Како успешна жена во Македонија, која е тајната на успехот да бидеш најдобра во условно кажано „машки спорт“ каков што е каратето?
Јас сум девојка која се бори за рамноправност меѓу половите. Затоа ми е голема чест што ја добив наградата за најдобра спортистка во индивидуален спорт. Мило ми е што со сите тренери кои сум соработувал, барале максимум од мене и сум била рамноправна со моите машки колеги во репрезентацијата. Знам дека ние како жени можеме да се држиме рамноправно со мажите и затоа голема привилегија е што бев дел од тие „Дванаесет величествени жени“ од организацијата ТАКТ. Гордост е да си дел од најуспешните жени во спортотот во државата. Да се биде меѓу нив е чест, но и сериозен предизвик. Бидејќи, тоа докажување и таа борба за еднаквост нас жените не прави уште посилни. Голем поборник сум за еднаквост во било која област во животот. Јас покажав дека во еден спорт како што е каратето, за кој бидејќи е боречки стои претзнакот дека е машки спорт, јас и неколку мои постари колешки претходно, како Наташа Илиевска, покажавме дека можеме да бидеме исто успешни и како машките колеги.
Индивидуалниот спорт бара и добар тим. Кои се луѓето на кои што најмногу им веруваш и ти помагаат во твоите успеси?
Имам тим кој секој ден работи со мене. Мојот нов тренер и селектор на ката репрезентацијата на Македонија, Стојан Андриевски кој ме прифати со двете раце, во моментот кога останав без клуб и имав навистина големи проблеми. Тука е и кондициониот тренер Златко Јанакиевски, а сакам да ја споменам и психолог Весна Блажевска, која во периодот кога имав проблеми со повредите, проблеми во клубот и сите турбуленции кои ги носи една професионална спортска кариера ми помогна многу за повторно да застанам на нозе. Се разбира мојата најголема поддршка и тим се моите родители, кои од најмала возраст за се ме поддржуваат и во добрите и во лошите моменти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА