„Соколите“ долетаа до куп-трофејот

Карпош соколи е новиот освојувач на Купот на Македонија, откако ланскиот финалист овојпат направи чекор напред, па во битката за трофејот славеше над Фени индустри со 80-69. Резултатот делува преубедливо, но Фени долго време беше и повеќе од достоен ривал, на моменти имаше и предност, но кавадарчани и покрај поддршката од трибините немаа сили да го издржат брзото темпо што го наметнаа избраниџите на тренерот Николиќ. Преморени по пеколниот дуел со МЗТ Скопје пред помалку од 24 часа, домашните играчи немаа сили за нова сензација. Додека ги служеше шутот и имаа сили за агресивна одбрана, резултатот беше неизвесен, за потоа во второто полувреме „соколите“ да блеснат, стигнат до двоцифрена предност и заслужено се радуваат на првиот трофеј во клупската историја.

Слично како и на вчерашното полуфинале, Фени индустри повторно бавно влезе во натпреварот, дозволувајќи им на гостите од Скопје да воспостават контрола над резултатот во почетните минути. Карпош соколи имаше предност од 17-8, но потоа проработе шутот од далечина на домашните кошаркари. Следеа четири тројки во серија (две на Магдевски, по една на Петровски и на Пајиќ), па Фени набрзина стигна и до предност од 20-17. Првата четвртина заврши со водство на Карпош соколи од 21-20, но избраниците на Малинков продолжија со своето шутерско шоу и на стартот од вториот период, набрзина поведувајќи со 21-27.

IMG_9142

Јасно беше дека Фени не може да го издржи истиот ритам во нападот уште долго, а кога домаќините почнаа да промашуваат, „соколите„ веднаш возвратија. Мавра и Пери беа неутрализирани во овој дел од мечот, но во финишот од полувремето во ритам влегоа Лабовиќ и Бојан Трајковски, па со нивните прецизни шутеви тимот на Карпош соколи замина на одмор со предност од пет поени (42-37).

Охрабрени по фуриозниот крај на втората четвртина, „соколите“ продолжија во ист ритам и во третиот период, во кој набрзина дојдоа и до двоцифрена предност (49-39). Кавадарчани одговорија со серија од 8-0, имаа и напад за израмнување што не го искористија, по што скопскиот клуб повторно се одлепи за водство од 55-47. И повторно следеше одговор на домашниот тим, кој со тројката на Стајиќ со звукот на сирената намали на 55-52.

IMG_8839

Последните десет минути повторно стартуваа со низа грешки на домашните кошаркари, кои многу тешко го наоѓаа патот до кошот на „соколите“. АБА-лигашот знаеше како да го искористи ова, со тројката на Мавра повторно поведе со десет поени (64-54), принудувајќи го Малинков на тајмаут. Сепак, работите не се променија, Карпош соколи продолжи да ја зголемува позитивата, па на крајот овој интересен финален натпревар заврши со убедливи единаесет  поени предност (80-69).

Мавра беше најефикасен со 21 поен, шест скока и шест асистенции, Лабовиќ постигна 17, а Пери и Зековиќ по 13 поени за Карпош соколи. Најдобри поединци кај Фени индустри во ова финале беа Кире Николовски со 19 поени и Андреј Магдевски, кој го заврши мечот со 10 поени, пет асистенции и шест украдени топки.

Се вчитува...