Спалети и Интер, љубовта заврши

Елиминацијата од Лигата на Европа дефинитивно ја запечати судбината на Лучијано Спалети. Кинеските газди дадоа наредба директорот Марота да ја почне потрагата по тренер за наредната сезона, иако не се исклучува можноста Спалети да добие отказ веќе наредната седмица, доколку загуби на градското дерби против Милан.

Пресметката со градскиот ривал ќе биде многу значајна за освојување на место кое носи во ЛШ, но управата на „нероаѕурите“ е децидна дека тоа нема да се смета за успех со кој Спалети би си ја задржал работата и за наредната сезона. Имено, Интер не бележи напредок откако лани го освои четвртото место на табелата, беше елиминиран во групната фаза од ЛШ, а сега загуби и во осминафиналето од Лигата на Европа.

Кинезите најавуваат „ремонт“ и на играчкиот кадар, но парите за избор на нови играчи сакаат да му ги дадат на стратег што има освојувано трофеи низ кариерата. На врвот на листата со желби на Марота се наоѓаат Конте и Мурињо, но не се исклучува можноста директорот на Интер да тргне и по Алегри, доколку трофејниот стручњак навистина си замине од Јувентус како што се најавува.

Се вчитува...