Спарси го „срушија“ шампионот, рекордна ноќ на Леонард

Најдобриот кошаркар на Сан Антонио беше најзаслужен за победата на неговиот тим над актуелниот шампион во синоќешниот дуел од НБА лигата. Спарси славеа по продолжение со 118-115, а Леонард мечот го заврши со 41 поен, шест скока и пет асистенции.

Одличен беше и Ламаркус Олдриџ со „дабл-дабл“ ефект од 16 поени, 12 скока и шест асистенции. Леброн Џејмс и Кајри Ирвинг за домашните постигнаа по 29 поени.

Хјустон во „ФедЕх форумот“ славеше против Мемфис со 119-95 со добра партија на Џејмс Харден кој постигна 29 поени и запиша 10 асистенции и шест скока. Најдобар кај домашните беше Марк Гасол со 32 поени.

Денвер дојде до победа над ЛА Клиперс од 123-98, а најефикасен во нивните редови беше Никола Јокиќ со нов „дабл-дабл“ од 19 поени и 10 скока. Денвер моментално е осми на Западот со ефект од 18-24, додека Клиперси се четврти со 29 победи и 16 порази.

Максимално возбудливо беше и на дуелот меѓу Детроит и Вашингтон. Домаќинот на крајот славеше благодарение на Маркус Морис кој погоди во последната секунда од мечот за конечни 113-112. Токму тој беше и најефикасен кај домашниот тим со 25 поени и 11 скока.

Во останатите синоќешни дуели, Атланта беше подобар од Филаделфија победувајќи со 110-93, Шарлот славеше против Бруклин со 112-105, Мајами против Милвоки со 109-97, Њујорк дома загуби од Феникс со 105-107, Чикаго тесно го победи Сакраменто со 102-99, Јута славеше против Индијана на домашен терен со 109-100, а Бостон по продолжение загуби од Портланд со 123-127.

Се вчитува...