Спортистките со солидарни пораки и поддршка за нашите ракометарки

Македонската ракометна репрезентација во женска конкуреција е светлото на македонскиот спорт оваа есен. Македонија ја доби честа да биде организатор на големиот континентален собир на најдобрите, но исто така доби и голема шанса да покаже дека оваа земја има капацитет да понуди и платформа за врвен спорт во женска категорија.

Нашите ракометарки веќе го почувстуваа вкусот на големиот спортски настани со првите две средби во групата „Ц“ во Скопје, а денеска ќе ја имаат и шансата за „трета среќа“, па против Романија да направиме исчекор во градењето на оваа ракометна генерација.

Македонските спортски хероини кои со години наназад несебично се вложија во македонскиот спорт и како спортисти и како спортски работници, не го кријат ентузијазмот низ пораките за поддршка на нашите ракометарки и нивните настапи на ова Европско првенство.

Спортистките даваат безрезервна поддршка на нашите ракометни репрезентативки, залагајќи се за еднаква поддршка на спортистките и спортот во женска конкуренција.

Деканката на Факултет за физичка култура, спорт и здравје, Ленче Алексовска-Величковска, искуствено знае какви бенефити носи настап на едно вакво врвно натпреварување.

„Ракометот е сложен спорт и носи неверојатни бенефити како создаваање на спортски навики, дисциплина, припадност, самодоверба. Спортот е наука и создава вистински личности. Максимална поддршка за ракометарките кои се пример и модел на врвни спортистки за секое девојче. Патот до врвот е тежок и долг но тоа е единствениот. Само напред, чекор по чекор до вистински поставени цели“, вели Ленче Алексовска-Величковска.

Нашата поранешна олимпијка, а денеска активен тренер по пливање, Наташа Мешковска потенцира дека одржувањето на ова европско првенство во женски ракомет кај нас е од круцијално значење.

„Велам круцијално значење, пред се затоа што е најдобра промоција за женскиот спорт. Тука се собира европската елита на едно место, а тоа е можност нашите девојки да се покажат во најдобро светло пред целата македонска и европска јавност. Овој настан треба да стимулира идни генерации на нови ракометарки кои ќе посакаат и тие да бидат во фокусот на вниманието, но и да биде причина за регрутирање на нови, млади членки кои ќе спортуваат ракомет. Нашата поддршка сега треба да биде оптимална, да ги поддржи публиката и секако медиумите да обезбедат максимална медиумска покриеност во известувањето и промоцијата на нашата репрезентација“

Една од членките на славната генерација на РК Кометал ЃП, Мирјана Чупиќ потенцира дека промоцијата на државата со организацијата на едно вакво Европско првенство е на прво место.

„За мене одржувањето на ова првенство е значајно заради промоцијата на државата и можноста да се поттикнат и мотивираат девојчињата што помасовно да го засакаат овој спорт.Покрај промоција на универзалните спортски вредности како упорност, издржливост, самодоверба, нашите ракометарки –спортски амбасадорки храбро и одважно ги кршат сите општествени стереотипи и бариери ставајќи ја жената во центарот на вниманието која се бори не само за вредностите туку и за еднаквост и правична застапеност во овој мачо свет. Затоа да навиваме, да ги поддржиме и да им дадеме ветер во грб на нашите лавици“.

Женскиот фудбал во Македонија се препознава во лицето на Наташа Андонова. Самиот чин на настап на ЕП е посебно чувство вели нашата голгетерка.

„Да играш на едно европско првенство е посебно, а особено што се одржува токму во нашата држава. Тоа е извонредно чувство кое не може да се замени, затоа што сон за секоја спортистка е да игра на големи натпреварувања, а особено со репрезентација и во државата во која е родена. Треба максимално да ги подржиме нашите ракометарки и на трибините да не има во што поголем број. Како што во другите држави испишуваат историја со полни трибини ќе ми биде многу мило и огромна чест истото да се случува и кај нас“.

Тенискиот спорт во последните години ја има Лина Ѓорческа, како македонска амбасадорка надвор од нашите граници.

„Бенефитите се огромни од одржување на ваков голем настан особено за популаризација на ракометот и воедно спортот кај нас, и искрено се надевам дека ќе придонесе да има повеќе девојчиња кои ќе се определат за спорт и за здрав живот. Истотака, од големо значење е и за самата држава и за дипломатијата. Престиж и чест е да се биде домаќин на европско првенство, а на нашите девојки можеме да им дадеме голема поддршка со нашето присуство во салата и со бодрење до последна секунда“, потенцира нашиот прв тениски рекет.

Силвија Митевска, поранешна параглајдеристка и претседателка на Комисијата за родова еднаквост при МОК, смета дека ЕП во Скопје е мега-настан.

„Овој спортски мега-настан освен што преставува одлична платформа за афирмација на нашата држава, треба да послужи за промоција на спортот во женска категорија и да привлече што поголем број на девојки во ракометните клубови. Покрај настапот и резултатите на првенството, подеднакво важно е да се разговара и за условите и поддршката што ракометарките ја имаат низ текот на нивната спортска кариера. Еднакви можности и еднаков пристап до сите ресурси води кон развој на успешен и одржлив спорт. Нашите спортистки се позитивен пример за секое девојче и инвестицијата во нив е инвестиција кон креирање на здрава и продуктивна младина“, вели Митевска.

Кон неа се надоврза и нашата атлетичарка Дрита Ислами, која веќе го има почувствувано духот на настапот на еден ваков собир на најдобрите на континентот.

„Одржувањето на Европското првенствое голема привилегија за нас како држава, бидејќи е големо првенство од висока категорија во која учествуваат најдобрите ракометарки, кои се и идоли за многу млади спортистки кај нас. Убаво е чувството да бидеш меѓу најдобрите, а уште поубаво е кога играш на домашен терен со твоја публика. Затоа е важно да бидеме на трибините и да ги охрабриме нашите ракометарки да го дадат најдоброто и секако да се гордееме на нив. Им посакувам многу среќа од срце“, вели Ислами.

Нашата поранешна кик-бокс репрезентативка, Гордана Цветковска- Бошевска, вели дека ова ЕП во Скопје е позитивен пример за младите и нивното насочување кон спортските терени.

„Ваквите големи натпреварувања од меѓународен карактер покрај тоа што директно придонесуваат во промоцијата на младите спортски надежи, истовремено и даваат позитивни примери кај младите во нивното насочување кон спортот и придобивките кои што ги носи во општеството. Нашата поддршка треба да биде со поголема медиумска покриеност и следење на натпреварите во женска конкуренција со цел поголема и помасовна поддршка на спортистките во сите спортови“.

Пораките за поддршка од нашите спортистки, спортски великани, до нашите ракометни репрезентативки, се само уште еден чекор кон адекватна промоција и поддршка на спортот во женска категорија во нашата земја.

Се вчитува...