СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Ден за историја на фудбалот во Македонија – Вардар го освои Купот на Југославија

На 26 мај 1961 година во финалето на Купот на поранешна Југославија Вардар го победи во Белград Вартекс од Вараждин со 2-1

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Сигурно дека 26 мај 1961 година со златни букви е запишан како еден од најголемите, можеби и најголемиот успех во богатата историја на најтрофејниот клуб во нашата држава – Вардар, сигурно и на македонскиот фудбал. Тој ден, пред околу 15.000 гледачи на стадионот ЈНА во Белград, во финалето на Купот на поранешна Југославија, во тоа време најмасовното фудбалско натпреварување во кое учествуваа илјадници клубови од сите тогашни републики, Вардар го победи Вартекс од Вараждин со 2-1 и со драгоцениот пехар на претседателот Тито неговите играчи го истрчаа победоносниот круг на белградскиот стадион.

И додека фудбалерите на Вардар предводени од капитенот Славко Дацевски славеа на теренот заедно со своите навивачи на трибините, веднаш по завршувањето на радио преносот од Белград (тогаш немаше телевизиски преноси), кога се слушнаа гласовите на двајцата репортери Никола Солдатов и Ивко Панговски кои заедно во еден глас извикаа „крај, крај, Вардар е победник“, улиците на Скопје за миг се преполнија. Излезе што се вели и старо и младо не само неговите навивачи, туку и многубројни љубители на фудбалот да го поздрават најголемиот успех на фудбалот во тогашната Република Македонија.

Патот до финалето не беше лесен за Вардар. Во првото коло го победи Јединство (Бело Поле) со 2-1, потоа во една невидена драма и големиот фаворит за пехарот белградски Партизан со 3-2, на ред дојде и Раднички од Белград со 4-1 и на крајот во полуфиналето прволигашот Сплит со 5-2.

Вартекс, кој таа година играше во Втората лига направи подвиг пласирајќи се во финалето. Беше подобар од Железничар (Сараево) 1-0, Пролетер (Зрењанин) 3-1, Борово 1-0 и Хајдук 2-0 на пенали.

На финалниот натпревар Вардар играше во состав: Тоде Георгиевски, Петар Анѓушев, Благоја Вучидолов, Славко Дацевски, Часлав Божиновски, Драган Трајчевски, Мирко Илиевски, Владо Николовски, Стојан Велковски, Андон Дончевски и Петар Шулинчевски.

Постарите љубители на фудбалот во Австралија сигурно се сеќаваат се уште на овие играчи, особено на Петар Шулинчевски, роден ресенчанец, сигурно еден од најдобрите фудбалери во Македонија, кој пред да дојде во Вардар играл и за Пелистер, на поранешниот селектор на нашата репрезентација Андон Дончевски, еден од нашите најдобри тренери кој остави длабоки тренерски траги и во Австралија каде сега живее, на Славко Дацевски кој беше првиот играч од Македонија кој го носеше дресот на Црвена звезда, а потоа играчката и тренерската кариера ја продолжи и во Австралија.

Головите за Вардар ги постигнаа Илиевски во 50. и Николовски во 53. минута, кога за три минути беше скршен отпорот на борбените фудбалери од Вараждин.

Од овој состав од пред повеќе од 58 години најмногу натпревари за Вардар има одиграно Дацевски 375, пред Дончевски 337, Илиевски 325, Шулинчевски 317, Велковски 302, Божиновски 296, Георгиевски 234, Вучидолов 230, Николовски 211, Трајчевски 133 и Анѓушев 70.

За жал повеќе не се меѓу живите : Георгиевски, Божиновски, Трајчевски, Дацевски, Николовски Велковски и Шулинчевски. Исто така и тренерот Антон Лика.

Во Белград беа и играчите: Радослав Чапаровски, Илија и Сократ Мојсов, голманот Љубомир Цветковски-Жмара, Павле Георгиевски и Мите Грозданов, но ниту еден не влезе во игра бидејќи во тоа време немало замена на играчи во текот на натпреварот како денес по тројца во текот на сите 90 минути. Чапароски, Цветковски и Павле Георгиевски се исто така починати.

Интересно е да се напише како беа наградени играчите на Вардар за овој голем успех од клубот бидејќи не беше мала работа да се освои Купот на Југославија во конкуренција на тогашните фудбалски сили Партизан, Црвена звезда, Хајдук, Динамо.

За денешните љубители на фудбалот смешна награда. Секој играч доби по кристална вазна и кристален пепелник и по 70.000 динари. Од таа сума половина беше од клубот, половина ја додели Околискиот фудбалски одбор. Колкава вредност имаше тогаш сумата од 70.000 динари. Како што ни кажаа тогашните играчи можеле да си купат само еден фрижидер.

Како победник на Купот на Југославија Вардар играше во Купот на победниците на европските купови но не се прослави. Загуби на стартот од шкотскиот Дамферлајн во гости со 5:0 , во Скопје во реваншот победи со 2-0 и беше елиминиран.

Уште еднаш во својата историја Вардар беше блиску до второто финале, но во полуфиналето 1965 година загуби во Скопје од Будуќност (Титоград) со 2-0. Вардар е единствениот клуб од Македонија што го има освоено Купот на Југославија.

Се вчитува...