СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Маврово аматерски првак на Југославија

Во 1969 година Маврово од Гостивар стана аматерски првак на поранешна Југославија

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Пишувавме дека фудбалерите на Вардар, и сениорите и младинците ги донесоа најголемите успеси на македонскиот фудбал во поранешна Југославија. Предводени од онаа славна генерација на Дарко Панчев 1986 година Вардар стана првак на Југославија, пред тоа 1961 година го освои и Купот на Маршал Тито.
По стапките на своите постари колеги тргнаа и младинците на Вардар кои 1949 и 1975 година беа прваци на Југославија, а 1984 година и победници на младинскиот куп.

Меѓутоа многумина, па дури и оние постари љубители на фудбалот, не се сеќаваат дека Македонија во поранешна Југославија имаше уште еден шампион-аматерски. Тоа беше Маврово од Гостивар, кој постигна голем успех 1969 година кога ја освои титулата-аматерски првак на Југославија. За жал денес овој клуб повеќе не постои иако во тие седумдесетите години играше видна улога во Македонската лига.

Таа 1969 година Маврово го освои третото место во Македонската лига, првак беше Тетекс кој се пласираше во Втората лига на Југославија, МИК, денес Скопје беше втор на табелата но поради одредена казна не доби дозвола да настапи на аматерското првенство на Југославија на кое играа по една екипа од сите републики и покраини, кои настапуваа во републички аматерски лиги.

Во квалификациите за двете финални средби Маврово играше во градот Барич во Србија каде го освои првото место иако на стартот беше поразено од домаќинот Прва Искра со 2:1. Но по победите против Лирија од Призрен со 5:1 и Рудар од Плевлје со 6:0 со подобра гол разлика го обезбеди првото место бидејќи Прва Искра загуби од Лирија со 1:0 и се здоби со право да игра два меча во финалето против победникот од втората група, ЖАК од Кикинда.

На првиот натпревар на 17 септемри во Кикинда Маврово доживеа пораз од 3:1. Голот го постигна Војче Синадиновски.

Реваншот во Гостивар по една недела, привлече повеќе од 3.500 гледачи што беше рекордна посета за овој град. Судеше Стрезо Трпковски од Скопје. Беше навистина драматично во регуларното време, на крајот со двата гола на Гулеци и еден на Апостоловски Маврово победи со 3:1 и поради двата идентични резултати според пропозициите требаше да се изведуваа пенали за да се добие аматерски шампион на Југославија.

И тогаш почна драмата. Во тоа време пеналите не се изведуваа наизменично како денес, туку секој клуб шутираше по пет пенали ама еден по друг. Први беа играчите на Маврово по извлечената ждрепка. Првиот удар од 11 метри не го реализира Апостоловски што беше студен туш за многубојните гледачи, но потоа Кецман, Гулеци, Герасимовски и Синадиновски беа прецизни.

На ред дојдоа фудбалерите на ЖАК. За нивна несреќа првите два пенала ги одбрани голманот Реџепи и тоа беше крај и голема радост и славје меѓу навивачите на Маврово и Македонија доби аматерски шамшпион на Југославија.

На овој меч Маврово играше во состав: Ружди Реџепи, Бранко Шаревски, Реџеп Карпузи, Лазар Кецман, Војче Синадиновски, Неџати Балта, Чеде Аврамовски, Панче Топаловски, Лиман Гулеци, Мирко Апостоловски и Саво Герасимовски.

Од овие фудбалери кои ја освоија титулата, некои од нив потоа играа и за вториот клуб од Гостивар Силика. Подоцна Маврово и Силика поради немање средства се фузионираа во нов клуб Гостивар кој денес игра во Втората лига-запад. Апостоловски, Аврамовски и Топалоски едно време настапуваа и во Торонто во професионалната канадска лига, голманот Реџепи и Гулеци играа за Влазними од Ѓаковица, член на Втората лига на Југославија.

Меѓу живите не се повеќе Балта, Гулеци и Шаревски.

Меѓутоа, три години подоцна, во 1972 година Маврово по вторпат играше во финалето во борба за аматерски првак на Југославија. Во Оџаци, во Војводина загуби од домашниот тим Јединство со 1:0 и го освои второто место што сепак беше успех за овој тим од Гостивар.

Се вчитува...