СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Тренерската историја на Вардар

Од 1947 година на клупата на нашиот најтрофеен клуб седеле 57 тренери

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Богата е седумдесетгодишната историја на нашиот најтрофеен фудбалски клуб Вардар, формиран во далечната 1947 година почнувајќи од неговите тренери, врвни стручњаци па се до репрезентативци на поранешна Југославија и на денешна самостојна Македонија како и освоени 11 титули шампион на Македонија и пет куп трофеи. Ќе се обидеме за нашите читатели , особено на онаа помлада генерација ,да се потсетиме кои се тренери седеа на клупата, кои беа тие кои го водеа Вардар на неговите први почетоци, подоцна и на неговите најголеми успеси.

Долг е тој список, точно 57 тренерски имиња, познати и помалку афирмирани бидејќи Вардар за овие изминати 73 години имаше и подеми и падови, за што дел од вината имаа покрај раководните структури и неговите тренери.

Прв тренер на Вардар беше Благоја Павловски-Ситното, кој го водеше Вардар на двете квалификациони средби за влегување во Првата лига на Југославија 1947 година против Слога од Нови Сад, денешна Војводина. И можеше тогаш да се пофали дека беше успешен, Вардар стана член на Првата лига. Тој инаку не беше познато тренерско име во тоа време, беше вработен во театар. Неговата тренерска работа не беше платена, ниту тој ниту пак играчите.

Да се потсетиме на тој прв состав на Вардар: Славчо Димитровски, Ацо Ивановски-Чапаев, Благоја Петровски- Бала, Цветко Давидовски-Голчо, Васко Кокиновски-Макара, Драган Геров-Гагуш, Ѓорѓи Цинциевски-Џинка, Јане Јаневски, Саво Цветковиќ, Тодор Балевски-Велф и Сезаир Гота.

По него тренери беа Мирко Бачи, Митровиќ и Стоиљковиќ, кои имаа епизодна улога бидејќи не беа долго време на клупата, за да тренер во Вардар дојде познато тренерско име, барем за Македонија Драган Луковски-Аџија, кој беше и прв тренер од Македонија кој подоцна работеше во странство, во Турција.

Во педесеттите години Вардар го тренираа и Стеван Каранфиловиќ, подоцна долгогодиен генерален секретар на клубот, Фрањо Глазер, Оскар Јазбиншек, Тихомир Огњанов, Бошко Симоновиќ, познатиот Илеш Шпиц, Јане Јаневски, и еден од најпознатите југословенски фудбалери и тренери Кирил Симоновски-Џина.

Првиот голем успех во поранешна Југославија Вардар го постигна 1961 година кога го освои Купот на Маршал Тито под раководство на унгарскиот тренер Антал Лика. Ќе се потсетиме и на тој состав на Вардар:

Тоде Георгиевски, Благоја Вучидолов, Петар Анѓушев, Драган Трајчевски, Часлав Божиновски, Славко Дацевски, Мирко Илиевски, Стојан Велкоски, Андон Дончевски, Петар Шулинчевски, Владо Николовски.

По Антал Лика на клупата на Вардар седеа повеќе тренери почнувајки од Борис Маровиќ, Сима Вилиќ, Александар Томашевиќ, познатиот тренерски тандем Хуго Рушевљанин и Фрањо Пазмањ, Душан Варагиќ,Часлав Божиновски…

Најпознато фудбалско име што го водеше Вардар сигурно беше Стјепан Бобек, прославениот југословенски репрезентативец со 63 настапи во тогашниот син дрес. Тој го внесе Вардар од Втората во Првата лига по онаа незаборавна победа против Трепча во Скопје/2:1/.На тој меч за првапат во својата богата кариера Васил Рингов постигна гол со глава, тогаш и никогаш повеќе.

Потоа дојде времето на Вукашин Вишњевац кој го лансираше Дарко Панчев. Во неговото време сметаме дека Вардар го имаше најдобриот состав во неговата историја. Лазаров Симоновски, Симовски, Канатларовски, Сетинов, Јаневски, Урошевиќ, П.Георгиевски, Панчев, Савевски, Рингов.

Во таа сезона играа уште Грошев, Најдоски, Џипунов, Станојковиќ, Бабунски и Петров.

Овој тим подоцна го презеде Андон Дончевски во сезоната 1986/87 кога Вардар стана шампион на Југославија.

Тренери на Вардар по Дончевски беа и Ѓорѓе Герум, Петар Шулинчевски, Методија Спасовски, Кирил Дојчиновски, Илија Димовски, Ванчо Трпевски, Драган Христовски, Перица Груевски, Алексо Мацков, Слободан Горачинов…

Кога Вардар за првпат настапи во Првата лига на самостојна Македонија во сезоната 1992/93 на неговото кормило беше Ѓоко Хаџиевски, нашиот најуспешен тренер кој со Вардар освои пет титули и два купа.

Можеби навивачите на Вардар и не се сеќаваат дека едно време тренер беше и познатиот Милко Ѓуровски, потоа Ратко Достаниќ, но мошне кратко, си замина од Скопје поради револт затоа што Македонија го призна Косово како независна држава. Во Скопје остана од 8 јули до 8 октомври.

Кога имаше многу турболенции во Вардар откако на сега починатиот Брацо Вујчиќ судски му беше одземен клубот, чиј беше спонзор, како на филмска лента се менуваа тренери почнувајќи од Пане Блажевски, Ванчо Балевски и Марио Вујовиќ, за да од нив најдолго се задржа Ѓорѓи Тодоровски-Џони.

Во последните десет години голем број тренери се сменија на неговата клупа почнувајќи од Зоран Стратев, кога малку недостигаше Вардар да игра во група во лигата на шампионите, откако го елиминира ЦСКА од Москва за да загуби од Спарта од Прага, па се до Вангел Симев, не за долго, Кочо Димитровски, Драги Сетинов, Вујадин Станојковиќ, Ѓоре Јовановски, Драган Канатларовски и Жикица Тасевски.

Прв Бразилец, тренер на Вардар беше Жилдо Родригез во 2011 година, па прв руски тренер Сергеј Андреев кој го донесе Самсоненко кога го презеде спонзорирањето на клубот, со кој Вардар стана шампион на Македонија .

Да не го заборавиме и Никола Илиевски-Џиџи, потоа Боби Милевски и поранешниот претседател на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски, и двајцата на Вардар му донесоа шампионски титули.

Списокот на тренери во Вардар ќе го завршиме со Гоце Седлоски, Чеде Јаневски и Бобан Бабунски, кој во 2018 година кога седна на клупата, на неа остана само од 16 април до 16 јули, за да го замени сегашниот шеф на стручниот штаб Александар Васоски кој успешно го водеше овој млад тим на Вардар во изминатата, незавршена сезона со 10 бодови предност пред Силекс.

Можеби сме заборавиле уште некој тренер, тука се нашите читатели да не потсетат за да ја комплетираме листата на што авторот на текстот ќе им биде благодарен бидејќи не е лесно да се прелистуваат старите весници, порано немаше интернет за да лесно се дојде до податоци за фудбалска историја на клубовите како денес.

Се вчитува...