СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ во пресрет на утрешното 36-то издание: Како младата Атина Бојаџи го шокираше светот со победата на првиот Охридски маратон!

Миодраг Мицковиќ

Утре, 26. Август, во Охрид во рамките на новостартуваниот „Охридски Фестивал на вода“, кој првпат годинава се организира во нашиот најголем туристички центар, ќе се одржи традиционалниот 36. по ред Охридски пливачки маратон, најголема пливачка манифестација на Балканот. Токму во пресрет на маратонот, сакам читателите ЕКИПА да ги потсетам кога се одржа првиот маратон на прекрасните сини води на Охридското езеро. Изминаа 62 години, од тој далечен 2. август 1962 година кога се одржа првиот Охридски пливачки маратон, кого Светската федерација во маратонско пливање, со седиште во Каиро го призна и како прво светско првенство во далечинско  пливање на слатки води, веднаш по одржувањето на традиционалниот маратон  Капри – Неапол.

По оваа одлука, во Охрид на 22 јуни допатува генералниот секретар на Светската федерација,  бригадниот генерал, Ахмед Зоркани од Египет, заедно со организаторите да се договори за патеката и другите услови за одржувањето на првиот меѓународен маратон на Охридското Езеро. Тогаш беше и одредена патеката по која ќе се плива, долга 34 километри, со старт во селото Пештани, до Струга и со целта пред хотелот Палас во Охрид.

За првиот меѓународен пливачки маратон во Охрид, официјално и првото светско  првенство  во далечинско пливање на слатки води во машка и женска професионална како и во аматерска конкуренција владеше големо интересирање. Пред почетокот во Охрид допатуваа речиси сите членови на  Светската федерација во маратонско пливање предводени од претседателот Исак Хелми, кој го имаше препливано каналот Ла Манш, потоа и почесниот покровител на оваа голема пливачка манифестација, принцот Ел Габер Ел Сабах  од Кувајт со сопругата. Покровител на маратонот беше Ристо Џунов, потпретседател на Извршниот совет на Македонија.

На првиот маратон пливачи од 11 држави

На стартот во Пештани, во 6 часот наутро на 2 август 1962 година се појавија 23 маратонци од 11 држави кои се натпреваруваа во машка и женска конкуренција /професионалци/ и во машка /аматери/ од Египет, Франција, Шведска, Ирак, Италија, Англија, Унгарија, Аргентина, Холандија, Луксенбург и Македонија, тогашна Југославија. Тоа беа Дики и Атина Бојаџи, Нико Нестор, Ристо Бимбиловски,  Климе Савин и Петар Глигор.

Први во 6 часот наутро стартуваа пливачките: Зохеир Абдул Баки /Египет/, Розмари Џорџ и Џени Џемс /Англија/, Ана Мацола /Италија/, Магда Молнар /Унгарија/ и Атина  Бојаџи.

По 55 минути од стартна позиција тргнаа аматерите: Набил Ел Шазли /Египет/, Бадри Абдал Вахаб /Ирак/, Леиф Џилберг/ Шведска/, Рене Брутен /Франција/ и нашите Климе Савин, Нико Нестор, Ристо Бимбиловски и Петар Глигор.

Точно во 7 часот стартуваа професионалците кои се бореа за титулата прв  светски првак во маратонско пливање на слатки води и за победник на првиот Меѓународен Охридски маратон. Тоа беа: Абу Хеиф и Саед Абдел Гелил/ Египет/, Вилијамс Де  Вренг /Холандија/, Мохамед Салех /Ирак/, Ернесто Парга и Жорж Ариас /Аргентина/, Чезаре Алфиери /Луксембург/,  Бергамини /Италија/ и Дики  Бојаџи.

Дики Бојаџи трет

За главните фаворити за победата се сметаа маратонците од Египет, кои популарно ги викаа „Нилските крокодили“.

Времето беше идеално, водата мирна со температура од 23 степени. Пливачите во професионална конкуренција водеа голема борба, особено меѓу Абу Хеиф и Дики  Бојаџи се до Струга. Но тука пливачот од Египет го засили темпото и на свртување од Струга кон Охрид почна да се „одлепува“ од  Бојаџи така што се здоби со  недостижна предност од околу 500 метри која уште повеќе ја зголеми пред Бојаџи, пристигнувајќи на целта за 09:27:07 часа за цели 20 минути пред второпласираниот Холанѓанец Де Вренг кој во финишот го престигна Дики Бојаџи.

Абу Хеиф

Еве ги резултатите и конечниот пласман: Абу Хеиф: 09:27:07, Де Вренг 09:41:10,  Бојаџи 09:53:34, Абдел Гелил 10:13:03, Парга 10:37:12 и Салех 11:50: 09.

Во аматерска конкуренција победи Набил Ел Шазли со време 09:58:13 пред Абдел Вахаб со10:16:32, Џилберг 10:17:02 и Климе Савин 13:25:34.

Атина и Дики Бојаџи

Неочекувано за сите во женска професионална конкуренција победи младата Атина  Бојаџи, која имаше само 18 години и за која се сомневаше дали ќе успее да ја преплива патеката. Таа седум години подоцна во 1969г. успеа да го преплива каналот Ла Манш. Бојаџи постигна  време од 11:49:46  часа и беше со големо воодушевување пречекана на целта пред хотелот Палас. Втора беше   Захеир Абдел Баки со 13:01:12.

По спуштената рампа, два часа по доаѓањето на целта од времето на победникот, пристигнаа: Бергамини, Брутен и Розмари Џорџ кои останаа без официјален пласман, а во текот на трката се откажаа: Аријас, Алфеира, Мацола, Нико Нестор, Петар Глигор и Ристо Бимбиловски.

Прекината традиција

Со до 1966 година Охридскиот маратон се одржа уште трипати. Во 1963 година маратонот не се одржа, наредната 1964 победи Италијанецот Џулио Траваљо пред Климе Савин, додека во 1965 година триумфираше Мохамед Ханафи од Египет пред сонародникот Мохамед Али и Дики  Бојаџи, а во женска конкуренција Атина Бојаџи беше втора зад Холанганката Џудит Де Нис, која имаше најдобро време од сите маратонци кои настапија .

Последниот победник, пред да се прекине оваа убава традиција 1966 година  беше повторно  Мохамед Ханафи пред Дики Бојаџи и Климе Савин, а во женска конкуренција триуфираше Атина Бојаџи.

И тоа времено беше крај на една убава пливачка атракција во Македонија која го прослави Охридското Езеро во светот. Дури по цели 20 години, во 1986 година беше обновен Охридскиот маратон. Зошто беше толку долга пауза, тешко е да се објасни.

Пауза од шест години

Првиот победник на обновениот Охридски маратон 1986 година беше Полјакот  Дариуш  Тасарек, се пливаше на патеката од Свети  Наум до Охрид долга 24 километри.

И што е интересно, повторно пауза од шест години за да биде одново обновен во 1992 година  на иницијатива на спортскиот весник СКОК.  Во Охрид беше формиран Одбор за маратонско пливање на Македонија, за прв претседател беше избран Нико Нестор, за генерален секретар Александар Радич. Во одборот членуваа Дики Бојаџи, Климе Савин и Ристо Бимбиловски. Од таа година продолжија златните денови на Охридскиот маратон, сигурно најпознатата спортска манифестација во нашата држава, на која за овие изминати  28 години , од 1992 година пливаа најдобрите маратонци  на светот.

Петар Стојчев рекордер

Да се потсетиме на победникот на маратонот 1992 година. Победи Чехот  Павел Рандисек пред претставниците од Македонија Кире Филипоски и Иван Гавазов, кај жените Теодора Раптис. Настапија 14 маратонци од 8 држави.

За првпат на Охридскиот маратон 1992 година  настапи и еден од нашите најдобри маратонци Томи Стефановски кој го освои седмото место.

И повторно прекин, во 2020 година. За жал по препорака на Светската здравствена организација и Меѓународната пливачка федерација ФИНА, Охридски маратон, кој спаѓа и во светската серија во далечинско пливање, мораше да се откаже поради корона вирусот иако се беше подготвено за стартот на оваа пливачка манифестација.

Во 2021 година повторно во сините води на Охридското езеро ги видовме најдобрите маратонци на светот.

Победи Французинот Аксел Рејмон со време од 5:10:31пред Италијанецот Едоардо Стокино со 5:10:32 и македонскиот маратонец Евгениј Поп Ацев со 5:10:34. Во женска конкуренција триумфираше французинката Ошан Касањол.

Мината година најбрз на Охридскиот маратон беше Аргентинецот Матијас Дијаз. Интереснио е да се напише дека бугарскиот маратонец Петар Стојчев е апсолутен рекордер по бројот на победи во Охрид, дури 10 пати беше на победничкиот трон. И уште еден интересен податок, нашиот најдобар маратонец во историјата на маратонското пливање Дики Бојаџи ниту еднаш не беше победник на маратонот во неговиот роден град.

Се вчитува...