СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: За освоената титула – чевли од „Пеко“ и три метра штоф

Во далечната 1949 година младинците на Вардар станаа шампиони на Југославија, истиот подвиг го повторија и 1975 година

Пишува:Миодраг Мицковиќ

Само најстарите љубители на фудбалот се сеќаваат на онаа прва генерација на младинците на Вардар кои во далечната 1949 година, во конкуренција на тогашните фудбалски великани Црвена звезда, Динамо, Партизан, Хајдук.. ја освоија титулата-шампиони на поранешна Југославија.

Од тој подвиг изминаа 70 години, долг период, но сепак се уште незаборавен иако од фудбалерите освен еден, останатите не се меѓу живите.

Финалниот напревар се одигра во Скопје пред околу 10.000 гледачи кога Вардар го победи словенечкиот претставник Рудар од Трбовлје со 2-1 (1-1). Головите за Вардар ги постигнаа Ивановски во 8. минута и Миновски во 80. минута. Пехарот на капитенот на Вардар Миле Миланов му го предаде Виктор Врховец, генералниот секретар на ФСЈ.

Но, најпрвин да се вратиме на патот на Вардар по кој го обезбеди пласманот во финалето. Во мошне интересната група во која беа Вардар, Раднички од Ниш и Хајдук од Сплит и која се играше во Скопје, младинците на Вардар по многу неизвесности и преигрувања го освои првото место.

Во првиот натпревар Вардар играше нерешено со Хајдук 1-1, нерешено 0-0 беше и на вториот меч со Раднички. Кога се чинеше дека Вардар ги загубил сите шанси да биде прв во групата Хајдук и Раднички исто така играа нерешено 1-1. Сите три тима имаа ист број на бодови и иста гол разлика, немаше победник.
И што се случи, раководството на ФСЈ донесе одлука натпреварите да се преиграат за да се добие победник во групата и финалист во борба за титулата шампион на Југославија.

Втората рунда ја започнаа Хајдук и Раднички и повторно беше нерешено 2-2. Ова реми добро го искористија младинците на Вардар. Најпрвин со голот на Васко Ивановски го победија Раднички со 1-0, а потоа и Хајдук со 2-0. Стрелци беа повторно Ивановски и Диме Арсовски од пенал. По една недела, конечно завршија натпреварите во оваа група со триумфот на Вардар.

Интересен е составот на Вардар на финалниот меч со Рудар во кој имаше подоцна познати фудбалски имиња. Тоде Георгиевски, Диме Арсовски, Томе Димовски-Бучки, Славко Дацевски, Видан Христовски – Кис, Бранко Давидовски-Мајка, Драган Атанасовски-Гитлер, Благоја Стевчевски – Бако, Миле Миланов, Васко Ивановски – Пилјар и Хари Миновски.

Од оваа генерација најмногу настапи за првиот тим на Вардар имаа Дацевски (375), Георгиевски (239), Миланов кој подоцна стана доктор (237) и Арсовски (177).

Голманот Тоде Георгиевски и Славко Дацевски како играчи на Вардар во 1961 година го освоија Купот на Југославија.

Димовски и Христовски продолжија да играат во скопски Металец, Давидовски и Миновски се откажаа од фудбалот, се вработија како новинари во спортската и внатрешно политичка редакција на Радио Скопје.

Денес од првиoт клубски шампион на Југославија од Македонија меѓу живите е само Диме Арсоввски.

Можеби ќе биде интересно за љубителите на фудбалот што добија тогаш играчите на Вардар за освоената титула. Секој играч по пар чевли од „Пеко“ и три метра штоф за одело од позната продавница „Громби“. Во тоа време ова беше богат и вистински подарок, бидејќи во тие повоени години многу работи не можеа да се купат во слободна продажба, туку можеа да се набават со познатите точкици што ги добиваат семејствата за купување на храна и текстил.

Пред ова финале со Рудар, Вардар на двапат играше во квалификациите 1947 и 1948 година но не успеа да се квалификува за завршните борби.

И во далечната 1975 година младинците на Вардар го повторија успехот на своите врсници од 1949 година освојувајќи ја по втор и последен пат титулата шампиони на поранешна Југославија. На патот до двете финални средби со Сараево, Вардар мораше да ја мине квалификационата група во Марибор каде го освои првото место. Ја победи Будуќност од Титоград со 2:0, потоа Марибор убедливо со 8:0 додека со Црвена звезда играше нерешено 3:3 што беше доволно за првото место.

Во финалето Вардар одигра две средби со Сараево. На стадионот Кошево загуби со 2:1, но во реваншот во Скопје славее со 2:0, што беше доволно за титулата. Сите три гола на двете средби ги постигна Миле Јовановски, брат на познатиот фудбалер на Вардар и тренер Ѓоре Јовановски.

Вардар играше во состав: Љупчо Димовски, Илчо Ристовски, Ѓорѓи Дончевски, Цветко Костовски, Душко Милисављевиќ, Драган Илиевски-Вршац, Влатко Димитровски, Павле Георгиевски, Миле Јовановски, Злате Настевски, Марко Кнежевиќ и Љупчо Георгиевски.

Од сите овие фудбалери тогаш младинци најмногу настапи за првиот тим на Вардар имаат Влатко Димитровски (459), Павле Георгиевски (229 – играше и за Куманово), Љупчо Георгиевски (110), Настевски (53), Костовски (42), Дончевски (22) додека стрелецот на трите гола Јовановски само 2.

Од другите играчи Димовски има брането за Тетекс, Металург, Победа, Работнички, Беласица, Скопје, денес е тренер, Ристевски, Љ.Георгиевски, Костовски, Милисављевиќ и Јовановски со успех играа за Работнички, Илиевски за Работнички, Саса и Вардарски додека Настевски ги бранеше боите на Пелистер во Втората лига, подоцна замина за Австралија, а по освонената титула Кнежевиќ се отсели за Словенија.

За освоената титула клубот на секој играч им подари по еден часовник „Сеико“, додека Вардар од градот ја доби наградата „13 Ноември“ како најуспешен спортски клуб таа година.

Ѓорѓи Дончевски и Павле Георгиевски не се веќе меѓу живите од оваа генерација.

Младинците на Вардар можат да се пофалат и со освоениот Куп на Југославија 1984 година, на двапати играа и во финалето на Купот -1965 година кога загубија од Партизан со 2-1 и 1976 година кога беа поразени од Сараево со 311.

Се вчитува...