Српската кошаркарска репрезентација е блиску до билет за Мундобаскет 2027 откако вечерва славеше на гостувањето против Италија со резултат 64-76. По убедливата победа над Исланд пред неколку дена, Србите овојпат наидоа на посериозен отпор, Италијанците сторија се за да приредат изненадување, но квалитетот и искуството на српските кошаркари пресуди за избраниците на Алимпијевиќ да стигнат до посакуваниот исход.
Плејмејкерите беа во главна улога, Аврамовиќ беше прв стрелец со 20 поени, еден помалку постигна Гудуриќ, додека Никола Јокиќ го заврши натпреварот со осум поени, осум скокови и една асистенција.
Грција остана во игра за пласман на Мундобаскет откако нашиот јужен сосед ја прекина црната серија од три порази, славејќи во трилер-мечот со Шпанија со 108-106 што беше решен во дополнителните пет минути. Грците имаа контрола во големи периоди од мечот, но Шпанците се вратија и со тројката на Хуанчо Хермангомез во самиот финиш го одведоа мечот во продолжение. Домаќините сепак одговорија на предизвикот, беа поумешни во клучните моменти и заслужено славеа со 108-106.
Митоглу и Дорси беа најзаслужни за големата победа со по 29 поени, додека прв стрелец на Шпанија беше Пара со 18 поени.
Шансите за мундијалски пласман на селекцијата на БиХ се сведени на минимум по поразот од 78-73 на гостувањето против Литванија. Тубелис беше прво има во литванскиот табор со 23 поени, а кај БиХ најефикасен беше Нуркиќ со 20 поени, но и слаб шут од поле (4/13).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
