Србиновски назад во мак-баскетот, на чело на новиот амбициозен проект

Поранешниот македонски селектор Марјан Србиновски по неколкугодишна пауза се враќа на тренерскиот занает откако успешниотт стратег беше промовиран за нов шеф на стручниот штаб на Соколи 1933 од Штип.

Оваа екипа влегува со сериозни амбиции во новата сезона и веќе аплицираше за испразнетото место во Супер-лигата, а самиот ангажман на Србиновски доволно кажува за желбата штипјани да прераснат во квалитетен колектив и гордост на спортот во овој град од исокот.

„Уште на првиот состанок ми беа презентирани амбициите и планот за развој, како и инфраструктурата, односно новата сала, која морам да ја пофалам бидејќи е една од најмодерните од овој тип во нашата држава. Амбициите на клубот се поклопија со моите и лесно дојдовме до договор. Чекаме официјално да бидеме промовирани во суперлигаши и во тој правец ја подготвуваме екипата. Нема голем број квалитетни македонски играчи на пазарот, но правиме напори да составиме што подобар ростер во рамките на планираниот буџет. Планираме да доведеме и три странски засилувања“, изјави Србиновски на својата промооција во Штип.

Поранешниот селектор своевремено како тренер ги водеше Куманово, Кожув, Работнички, Торус и Гостивар, а до пред една година беше директор на репрезентацијата додека Перо Антиќ беше претседател на МКФ.

Клубот веќе работни напорно на нови засилувања, а неофицијално, веќе е договорено пристигнувањето на искусното трио Александар Костоски, Марјан Јанески и Ивица Димчевски.

Се вчитува...