Српската репрезентација ја оправда фаворитската улога на дуелот со Исланд, триумфирајќи со 102-73 во меч во кој гостите одиграа перфектна прва четвртина, но не можеа да го издржат темпото повеќе од десет минути.
По првиот период резултатот гласеше 25-27, но штом Србите ја средија одбраната тоа се одрази и врз изгледот на семафорот, на одмор се замина со 52-42, а особено импресивно нашите северни соседи делуваа во последните десет минути што ги добија со 32-12.
Најзаслужен за победата беше новиот кошаркар на Партизан, Никола Танасковиќ со 23 поени, Јовиќ имаше 21 поен, додека суперѕвездата Никола Јокиќ не се „испоти“ на овој дуел, реализирајќи шест поени, 13 скокови и шест асистенции).
Турција остана стопроцентна во квалификациите откако на домашен терен ја декласираше селекцијата на Литванија со 94-66. Џеди Осман со 22 поени беше најдобар поединец на натпреварот, додека центарот Јурцевен реализираше 17 поени.
Грција е се подалеку од мундијалски билет откако избраниците на Спанулис загубија од Украина со 82-76, трет пораз во низа за „сино-белите“. Ковлиар го предводеше победничкиот тим со 18 поени, додека кај Грција најефикасен беше Дорси со 16 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
