Статистика: Елмас во топ-дриблери, Димитриевски меѓу најдобрите голмани на евро-шампионатот

Македонија не успеа да освои бод на ЕВРО 2020, но неколку наши репрезентативци се наоѓаат при самиот врв од статистичките категории за групната фаза од европскиот шампионат.

Столе Димитриевски бранеше одлично на трите средби, па македонскиот чувар на мрежата неслучајно е на врвот по бројот на одбранети шутеви на противниците. Асот на Рајо Валјекано имаше вкупно 14 интервенци, исто колку и Финецот Храдецки и Ворд од Велс, а повеќе од нив имаше само турскиот репрезентативен голман Чакир, кој дури 18 пати спречи топката да заврши зад неговиот грб.

Елиф Елмас имаше вкупно 11 дриблинзи на трите одиграни средби, по што македонскиот „дијамант“ се наоѓа во Топ 10 фудбалерите во оваа категорија на шампионатот. На врвот е Килијан Мбапе со 17 дриблинзи, пред Елиф се уште и Данецот Маеле со 15 и Вајналдум од Холандија и Салаи од Унгарија со по 12 дриблинзи. Исто како Елмас, 11 дриблинзи на првите три натпревари на ЕВРО 2020 имаат и Лирој Сане (Германија), Бреитвајт и Дамсгард (Данска), Исак (Шведска) и Клајнхајзлер (Унгарија).

Александар Трајковски е еден од најмалерозните играчи кога станува збор за шутеви кои завршила во рамката од противничкиот гол. Тој ја погоди гредата против Украина, потоа го затресе дирекот на Холандија, со што е еден од двајцата играчи на ЕВРО 2020 кои во групната фаза двапати ја погодиле рамката од голот на противникот (вториот е Роберт Левандовски).

Пандев се наоѓа на делба на второто место по бројот на претрпени прекршоци, над македонскиот капитен беа досудени осум фаули, исто колку и над Погба (Франција), Камара (Финска), Дуда (Словачка), Бреитвајт (Данска). Најфаулиран фудбалер во групната фаза од ЕВРО 2020 беше Унгарецот Клајнхајзлер со десет изнудени прекршоци.

Се вчитува...