Стефан Ристовски е новиот лидер на националниот тим – Капитенската лента е вистински предизвик пред новиот репрезентативен старт!

Македонската репрезентација по настапот на Европското првенство 2020 од денеска преку првиот собир под водство на Благоја Милевски со нова страница на патот за продолжување на репрезентативните успеси.

По повлекувањето на Горан Пандев од репрезентативниот дрес, нов лидер на националниот тим е Стефан Ристовски кој точно десет години, од своето деби, е неизбежен дел од репрезентацијата. Од септемврискиот квалификациски натпревар против Ерменија во Скопје па во иднина капитенската лента оди на раката на Ристовски кој и изминатиот период со односот и настапите во репрезентативниот дрес јасно посочи дека е новиот предводник на генерацијата пред која се нови предизвици.

Ристовски кој веќе зад себе има повеќе од богата интернационална кариера почнувајќи од Вардар преку италијанска Парма и хрватска Ријека, па се до португалскиот Спортинг Лисабон и хрватскиот шампион Динамо Загреб, веќе јасно посочи дека пред Македонија има генерација млади фудбалери која може и мора во иднина да цели и кон успешни резултати на светски и европски првенства, а не само да се задоволува со учества на истите.

„Доста се тешиме само со тоа што сме само тука на Европско првенство, и дека сме некакви херои. Јас не се задоволувам само со учества. Мора да знаеме и веруваме во себе дека можеме многу повеќе. Јас сакам и во иднина да постигнувам резултатски успеси за Македонија, затоа што знам дека можеме, а не да се палиме само со атмосфера. Сакам да се заблагодарам на сите навивачи и на целата македонска јавност за поддршката, но ние мора да знаеме дека можеме до успеси, а не само да бидеме присутни на терен. Горд сум на оваа генерација, и затоа се овие зборови дека можеме многу повеќе. Мора да кажам дека не постои личност како Горан Пандев и вечно ќе ги паметиме овие моменти со него. Му благодариме за се што направи за нас, но мора да продолжиме да го радуваме и него со позитивни резултати во иднина“ – ќе рече Стефан Ристовски по нашето учество на ЕВРО 2020 јасно посочувајќи дека Македонија и репрезентативниот фудбал мора да продолжат кон нови успешни денови во иднина.

Македонија од актуелниот собир ќе биде без Горан Пандев, Иван Тричковски и Крсте Велкоски кои се повлекоа од репрезентативниот дрес, а на списокот на новиот селектор Благоја Милевски се повикани младите Бојан Миовски, Никола Серафимов, Јани Атанасов и Тодор Тодоровски како дополнение на генерацијата која не одведе на ЕП.

Се вчитува...