Стојановска: Атмосферата е супер, очекуваме добри резултати

Подготовките на женската ракометна репрезентација на Македонија пред настапот во квалификациите за СП 2019, течат според зацртаниот план. За овој квалификациски циклус, селекторот Симе Симовски повика 20 ракометарки, меѓу нив е и бекот на Наиса, Симона Стојановска која по неколкумесечна пауза одново се враќа во националниот тим.

„Атмосферата е одлична, се е во ред, нема повредени, тренираме напорно и се подготвуваме за претстојните натпревари во квалифиакциите за СП 2019. Се следи нашиот ритам и тој систем на игра што го градиме во репрезентацијата во изминатите неколку години. Тоа е истиот принцип кој го негуваме и кој треба да придонесе да се направи успех со оваа репрезентација. Скромни сме, одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар…“ – истакнува Стојановска.

По едногодишниот анѓажман во Полска, во тимот на Погон Шчечин, Стојановска летово се пресели во редовите на српскиот прволигаш Наиса. Трансферот во Ниш се покажа како добар потег и чекор напред во нејзината кариерата што треба да донесе бенефит и за македонската репрезентација.

„Во Наиса ми е супер. Имам поголема минутажа играм, речиси по 60 минути на секој натпревар, тоа ми е најбитно. За овие неколку месеци откако сум во Ниш, играм во добра форма и верувам дека така ќе биде и во репрезентативните настапи“ – вели Симона Стојановска.

Квалификациските натпревари за СП 2019 ќе се одиграат од 30 ноември до 3 декември, а Македонија ќе биде домаќин на групата 4 во која покрај македонскта репрезентација се уште и селекциите на Азербејџан, Исланд и Турција. Првопласираната селекција од групата обезбедува пласман во баражот за СП 2019.

Се вчитува...